Потребна е поголема државна поддршка за доброволните противпожарни друштва
Без силни и добро опремени доброволни противпожарни друштва не може да се очекува и ефикасен систем на заштита од пожарите и елементарните непогоди, сметаат пожарникарите доброволци од Струмица. Според нив професионалните единици не се доволни и затоа треба да се следи примерот на развиените земји во кои 80% од пожарникарските сили ги сочинуваат токму доброволците. Дека има потреба од дополнителни и обучени екипи покажале и последните пожари.
Освен помош на професионалните противпожарни сили, доброволните друштва имаат значајна улога и во превенцијата и едукацијата на граѓаните. Во моментов имаат поддршка и од општините и од државата но велат не е доволна. За да им биде овозможено поефикасно работење неопходни се измени во законот за пожарникарство.
Во моментов во Македонија постојат поголем број на доброволни противпожарни друштва, но активни се околу 15. Едно од нив и друштвото од Струмица кое своите активности и опрема ги презентираше и преку организација на отворен ден. Целта беше да ги запознаат граѓаните со нивната работа, но и да регрутираат нови членови кои ќе бидат дел од обуките планирани за наредниот период.
-
Зоран Ѓеоргиев
Сите содржини од овој новинар