Бизнис
22. August 2024 - 16:34

Јавниот долг над 60% од БДП – Како државата да го намали?

Пандемијата од Ковид и војната во Украина ја сменија сликата за јавните финансии во државата.

 Во 2020 забележан беше најголем раст на јавниот долг од безмалку 10% од Брутодомашниот производ. 2021 и 2023 беа години кои ги завршиме со јавен долг повисок од психолошката граница од 60%.

Во вториот квартал од годинава повторно е помината границата и тој изнесува 60,5%.

Државната ревизија утврди слабости во мерките за справување со јавниот долг и во последната ревизија препорача Министерството за финансии преку заменски измени да се утврди лимит, а проектирањето на долгот да се прави за наредните две фискални години за државата да има поголема фискална предвидливост.

Заем од Унгарија беше првата работа која ја најави премиерот Христијан Мицкоски уште вечерта кога ги доби изборите. Прво беше најавена милијарда, но државата сепак одлучи да се зајми половина од сумата. Унгарскиот заем неминовно ќе влијае на јавниот долг, но за првата финансиерка многу е поважно за што ќе се трошат парите од кредитите.

-Секако дека секое ново задолжување го зголемува јавниот долг. Суштината е друга, за што се трошат парите... Ние сега со овие пари треба ги закрпиме сите дупки што останаа отворени. Претходната влада имаше таква шанса со оние буџетски дефицити што ги правеше, правилно да ги насочуваше средствата ќе имавме многу повисок БДП и немаше да се доведуваме во ситуација да зборуваме за над 60% јавен долг, вели министерката Гордана Димитриевска Кочоска.

Финансиските експерти очекуваат јавниот долг да продолжи да расте.

За Благица Петрески, државата треба да размислува за воведување на ново фискално правило со кое ќе се ограничат расходите. Но појаснува дека јавниот долг не може да се намали само со кратење од ручеци, патувања и дневници на функционерите, туку поважни се поголемите ставки.

-Да се чепнат и оние ставки кои значат сериозни трансфери и субвенции од Буџет коишто не само што некогаш значајни по износ, некогаш се неефикасни, многу често се случува да бидат и неефиктивно потрошени и на таков начин имаме средства коишто се значаен издаток од вкупните расходи, меѓутоа ефект не дава соодветни исходи, вели Петрески.

Едно од најлошите сценарија со зголемување на јавниот долг и на буџетскиот дефицит што може да се случи е намалување на кредитниот рејтинг на државата. Тоа би значело дека ќе поскапат парите со кои државата го рефинансира јавниот долг.

Јовановиќ кој очекуваа оваа Влада и во иднина да троши многу пари, предупредува дека владата мора да биде претпазлива.

-Тоа веројатно нема да се случи оваа година, веројатно ќе почекаат малку, ќе и дадат шанса на новата Влада да се покаже, но ако владата продолжи на овој начин, ако нема т.н. фискална консолидација, што значи значи, намалување на дефицитот. Тогаш мислам дека навистина е голема шансата да добиеме влошување на кредитниот рејтинг што мислам дека ќе биде навистина лош потег зашто ние десетина година го немаме тоа, вели Јовановиќ.

До крајот на годината Буџетот за наредната мора да биде донесен. Министерката уверува дека се прават проекции како државата да направи фискална консолидација и да го намали јавниот долг.

-Ќе спроведуваме мерки од страна на владата насочени кон инвестициикоишто ќе го помогнат и ќе го поткрепат Бруто домашниот производ. Врз основа на тоа, нормално потоа ќе очекуваме и негово полека намалување до оној износот од 60% којшто како фискално правило ни е утврдено, вели министерката Димитриевска Кочоска.

И борбата со сивата економија е еден од начините како да се подобри состојбата со јавните финансии. Според експертите, државата годишно губи околу 700 милиони евра, што е повеќе и од заемот од Унгарија поради неплаќањето на даноците. Но за нејзино искоренување потребна е и политичка волја, но и да се вклучат сите граѓани, односно да ги пријавуваат сите неправилности.