Бизнис
19. August 2024 - 16:47

До Нова година Бехтел и Енка ќе почнат со градба

Нерешената експропријација на земјиштето – кочница за старт на работите на Бехтел и Енка. Иако, согласно потпишаниот договор, требаше да биде завршена лани, екпропријацијата се уште не е почната. Но, првиот човек на Државни патишта, се надева дека до крајот на годината постапката ќесе реши, по што ќе почнат и гредежните аквивности од американско турскиот конзорциум. 

- Ние правиме интензивни напори во последните месец и нешто за да ја решиме експропријацијата. Ако не ја решиме експропријацијата, Бехтел и Енка не може да влезе на терен. Тие не може да работат таму ако земјиштето не е „исчистено“. Ние работиме интензивно за да може што побргу да започне Бехтел и Енка со работа. Се надевам дека пред Нова година ќе успееме да ги внесеме на терен, изјави Коце Трајановски, директор на Државни патишта. 

Изминативе месеци незадоволни од екпропријацијата на нивите каде треба да поминува автопатот беа жителите од прилепско и гостиварско. Со протести ја блокираа работата на  Бехтел и Енка и не ја пуштаа да помине механизацација,  ниту работниците за минирање и ископ.

Иако 3 пати свечено се најавуваше стартот, на терен се уште не е изграден ни еден километар од најавените 110 километри автопат. За договорот, кој претходната влада го потпиша во мај лани, новата коментираше дека е скап и економски неисплатлив. Но, раскинувањето не е опција, бидејќи изведувачот може да ја тужи државата и да добие милиони евра, без да изгради ништо.

Инаку, првично, договорот е проценет на 1,3 милијарди евра, а автопатските делници треба да се изградат за  5 години. Лани државата им исплати 243 милиони евра, оваа треба 240, а следната скоро 300 милиони евра. Во 2026-та уште 260 милиони, или еден километар автопат државата ќе ја чини најмалку 12 милиони евра.