Македонија
18. August 2024 - 17:13

Недостатокот на работна сила - горчлив проблем за економијата во земјава

Недостигот на работна рака во моментов останува еден од главните проблеми на на македонското стопанство. Иселувањето си го прави своето, а тука е и проблемот што тешко може да се обезбеди и некој поголем увоз на работна рака од странство, затоа што Македонија останува понеатрактивна државата и на овој план за разлика од некои наши соседни држави. Од Стопанската комора велат дека само со добра државна стратегија може да се надмине овој горлив проблем.

„Значи без работна рака ќе се намали и индустриското производство, ќе се намали и профитот на компаниите, ќе се намали и заработувачката, така што во секој случај кога го намалувате производството логично е да се намали се“, изјави Никола Мариноски, претседател на Регионална стопанска комора Прилеп.

И според бизнис секторот во овој момент мора да дојде до зголемување на минималецот затоа што трошоците за живот за работниците се енормно покачени. Но исто така морало да дојде и до зголемување на продуктивноста на работниците.

„Сепак мора да се разговара и со Владата и со синдикатите, да се изнајдат решенија дали на поддршка на стопанството во некој дел во тие зголемувањата на плати или пак да се финансираат одредени проекти за да може да го следиме текот и на поскапувањето на цените за да не се одрази врз работниците. Дали тоа ќе значи преквалификацијај или доквалификација на вработените  или некој проекти од тој тип. Како што беше идејата на Владата за преквалификација и доквалификацијја на вработени или оние проекти кои ги имаа за премин од државна администрација во приватен сектор, нешто такво би можело да значи подобрување“, додаде Мариноски.

Од компаниите се надеваат и на подобрување на бизнис сликата со ветените 100-тина милиони евра кои од централниот буџет треба да легнат на сметка на општините. 

„Сметам дека тоа е и дополнителна поддршка кон стопанството односно кон оние фирми помали и средни кои ќе ги изведуваат тие проекти“, истакна Мариноски.  

Подобрување на бизнис климата во Македонија се гледа и во преструктуирање на образованието според потребите на пазарот на труд.