Македонија
17. August 2024 - 17:06

Новите лекови на позитивната листа се монотерапија, а не комбинирана со неколку лекови во една таблета

Новите лекови на позитивната листа кои беа промивирани деновиве граѓаните во аптека на товар на Фондот ќе можат да ги подигаат за околу 1 месец. Толку време ќе трае постапката, информираат од ФЗО.

- Согласно законски предвидената постапка, по утврдување на референтните цени на новите лекови на Позитивната листа со одлука на УО на Фондот и согласност од МЗ, истите се планира да  бидат достапни со фондовски рецепт во ПЗУ аптеките најдоцна од 15 септември 2024, одговорија од Фондот.

После 10 години, кога беше ставен само 1 нов лек, последното проширување на позитивната листа опфаќа 9 генерики кои опфаќаат 20 лека, а ги произведуваат повеќе компании. Има терапија за болести на срце и крвни садови – против висок притисок и покачени масти, антидепресиви, за третирање на деменција и антиагрегациона терапија. Годишно од здравствената каса ќе се одвојуваат околу 1 милион евра.

По официјалното објавување на генериките почнаа и првите реакции. Лекари кои не сакаат јавно да зборуваат коментираат дека новите лекови на позитивната листа се монотерапија, а не комбинирана односно неколку лекови во една таблета која и беше една од целите. Со ова, според нив се враќаме чекор назад во однос на современите протоколи за лекување на одредени болести вклучувајќи го и третманот за висок притисок.

Министерот за здравство вели дека ова е само почеток на обновување на позитивната листа која ја составува посебна стручна комисија формирана пред 1 година, а од министерството и Фондот не се мешале.

- По шест месеци, планираме да ја прошириме плус листата, со уште неколку лекови. Меѓутоа, треба со директорот на Фондот да седнеме, да видиме, што се можностите уште неколку лека да бидат на Позитивната листа и да им олесниме секогаш на тие кои се главните во нашиот ресор - тоа се пациентите, а сите сме потенцијални пациенти, изјави Арбен Таравари, министер за здравство.

За новото проширување на позитивната листа со нови лекови реагираа и онколошките пациенти. Тие изразија разочарување и револт бидејќи на листата не се најде терапија која тие ја барале бидејќи им била потребна, иако им ветиле на средбата со останати здруженија во Фондот минатиот месец.

- Од ова кое што јас го гледам сме потполно заборавени, не само што не се ставени оние лекови кои ние ги баравме, туку не е ставен ниту еден онколошки лек и да се чека уште 6 месеци за да се апдејтира позитивната листа е многу и навистина не знам во што е проблемот поради кој сме повторно прескокнати и со овие измени, изјави Ана Марјановиќ, онколошки пациент.

Онколошките пациенти ќе реагираат и кај Таравари, бидејќи очекуваат во најскоро време да остварат средба. Од министерството појаснување за обновувањето на позитивната листа со овие генерики најавија на брифинг со медиумите во вторник.