Судски Совет ќе го истражува случајот со Рамадани
Судски совет ќе ги испитува одлуките на судијата што одреди куќен притвор за бегалецот Блерим Рамадани. Формираше комисија од тројца членови со задача да направи увид во решенијата на судијата Пајазит Пајазити од Кривичниот суд за куќниот притвор и одбивањето на екстрадицијата. Од прибраните информации ќе зависат следните чекори на Судски.
„Да се констатира фактичката состојба по однос на ова и пред јавноста да излеземе со конкретни податоци. Има нешто, се случувало, виновен е судот, не е виновен и да не прејудицирам, реакцијата на Судскиот совет во овој момент согласно неговата надлежност е таа. Да ја испита состојбата. По констатирање на состојбата, се задолжува комисијата да изготви извештај кој ќе го достави до советот и понтаму по истиот ќе расправа и одлучува“, изјави Весна Дамева, Претседател на Судски совет.
Во советот сметаат дека проверките за постапувањето на судијата Пајазити ќе покажат дали имало пропусти во одлуката за укинување на притворот за Рамадани. Велат, надзорот бил неопходен бидејќи за целиот случај Кривичниот суд молчел.
„Во услови кога нема официјален одговор од канцеларијата за односи со јавност на органот кој ги донел овие одлуки и тоа како Судскиот совет е должен да изврши надзор, увид во постапувањето, однесувањето и одлучувањето и да излезе со еден официјален став“, изјави Ивица Николовски, Член на Судски совет.
Поранешниот припадник на ОВК е се уште недостапен за македонските институции. По барање на судот, МВР распиша потерница со која го бара во државата, но во меѓувреме, се појавија слики според кои тој е веќе на Косово. Во објавата му посакуваат добредојде, како што пишуваат во неговиот роден град.
Рамадани кој Србија го бара да му суди за воени злосторства беше уапсен во средината на минатиот месец а по неполни две недели притворот му беше заменет со мерка домашен притвор. На адресата во Чаир требаше да престојува до денеска.. Во меѓувреме, за него беше одбиено барањето за екстрадија, а конечната одлука дали ќе биде предаден на српските власти, требаше да ја има Врховниот суд. Таму предметот пристигнал денеска, кога изминува и вториот ден од неговото бегство.
-
Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар