Македонија
14. August 2024 - 16:33

Скопските градоначалници бараат да се одземат ингеренциите на Арсовска

Владата да му ги одземе на Град Скопје јавните претпријатија „Комунална хигиена“ и „Паркови и зеленило“, да назначи владин повереник кој ќе управува со нив и да почне трансформација со која надлеженостите ќе си ги поделат општините – ова денеска го договорија скопските градоначалници.

По координативниот состанок најавија дека уште денеска ќе го испратат предлогот до премиерот Мицкоски и министерот за животна средина Меџити. Очекуваат нивното барање да се најде на следната владина седница.

„На 50 степени, нема општина, нема населено место во Скопје каде што контејнерите не се преполни со ѓубре, нема паркови во коишто за жал можат младите да се рекреираат, а да не се обраснати со трева“ – Орце Ѓорѓиевски, градоначалник на Општина Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС

Откако ќе се расформираат претпријатијата, вработените и механизацијата ќе бидат поделени по општините, според бројот на жители, а по истата формула ќе се делат и парите од сметките кои сега ги собира Градот.

Градоначалникот на Карпош рече дека ако не се зголемат цените на услугите, проблемот нема да се реши.

„Колку се пораснати трошоците? Пумпите трошат ли електрична енергија, тие делови што се менуваат, возила итн. Значи, треба целовито да го решиме и јас мислам дека треба да си дадеме задача за трансформацијата на овие претпријатија да заврши до 31.12 и од 01.01 да почне да функционира“ - Стевчо Јакимовски, градоначалник на Општина Карпош

Градоначалниците се пожалија дека немаат никаква комуникација со Арсовска. Ѓорѓиевски тврди дека ниту еден градоначалник нема добиено повратен одговор од неа, за кое било прашање, консултација или проблем.

„Најдобро е за градоначалничката да застане и да се погледне во огледало. И да си го впери прстот во себеси. Во Град Скопје е луксуз да ви вратат на меил. Да ви вратат на барање, најпросто за некој проект. Па, треба да имате некаква комуникација“ - Орце Ѓорѓиевски, градоначалник на Општина Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС

„Две години со постоечката градоначалничка немаме комуникација ниту поединечно како колеги, нè блокирала на телефон, но немаме ниту службена комуникација, не знаеме како да функционираме“ - Висар Ганиу, градоначалник на Општина Чаир

Реагираа од Град Скопје.

„Мицкоски можеше и се уште може, ако сака, да им овозможи на скопјани нови автобуси, нови контејнери, нови машини за собирање смет, повеќе комунални работници, нови зелени површини. Се што треба да направи за да го одблокира градот е да испрати СМС порака на неговите експоненти во градот од денес да работат во корист на граѓаните, а не на партијата“ – Град Скопје

„Арсовска нема ништо во главата освен тендери. Откако ги ограби ЈСП, Комунална хигиена и другите претпријатија сега ги пушта низ вода, а Скопје го остава целосно нефункционално“, ѝ вратија од ВМРО-ДПМНЕ.

Вина во Мицкоски гледа и СДСМ.

„Да не беше Мицкоски и неговите манипулации и лаги со граѓаните, како и неговата политика на блокади, Скопје немаше да го води „најуспешанта менаџерка“ за која лажеше дека е број еден во Европа, а ако се прашуваше тој ниту ќе бевме членка на НАТО, уште помалку ќе почневме преговори со ЕУ. Човекот едноставно нема срам, ниту образ“, велат од партијата