60.570 денари потребни за да се преживее месецот
Поскапувањата не запираат. Синдикатите пресметаа дека за да преживее едно четиричлено семејство треба да потроши 60.570 денари. Месецов бил поскап за 245 денари повеќе од претходниот. Скокнале цените за транспорт, здравје, храна и пијалоци, облека и обувки. Ако семејството е под кирија, сумата е уште повисока.
„Навистина е загрижувачки преку 80 илјади работници во државата да имаат минимална плата и плус преку 100 илјади работници се помеѓу минимална и просечна плата. Ако земеме дека најголем дел од граѓаните, односно работниците, се или со станбен кредит или во стан под кирија, тогаш синдикалната кошничка 75.945 денари. Тогаш ни просечна, ни минимална не стасува само за да се преживее месецот“ – Иван Пешевски, ССМ
Најголем дел од парите одат за јадење и пиење, над 22 илјади денари или речиси една минимална плата. Токму затоа синдикатите не отстапуваат од растот на минималецот на 450 евра во првите сто дена од новата влада и за таа цел веќе се сретнале со двајца министри.
„Минатата недела остваривме средба со министерот за социјална политика и демографија и министерот за економија и труд. Првично, има расположение за покачување на платите, ќе притискаат тоа да биде во приватниот сектор, па потоа да може да го издржи буџетот зголемувањето на платите и во јавниот сектор. Се уште немаме официјална покана од премиерот или било кој претставник од Владата задолжен за овие прашања. Има оптимизам, меѓутоа оптимизмот треба да биде месецов, најдоцна до септември. Доколку тоа не се случи, во октомври не ни преостанува ништо друго освен да се видиме повторно на улица пред Влада“ – Иван Пешевски, ССМ
Иако и синдикалната кошница и минималната плата бележат пораст во изминатата декада, разликата помеѓу нив продолжува да расте. Па така, пред 10 години разликата помеѓу кошницата и минималецот изнесувала нешто над 18 илјади денари, а годинава разликата е зголемена на над 38 илјади денари.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар