Македонија
19. July 2024 - 13:04

Златко Димов е повредениот во пожарот кај село Сирково

Повредениот Златко Димов во пожарот кај росоманското село Сирково, се опоравува од изгорениците. Кога МИА денеска го контактираше, тој повторно беше на Клиниката за пластична хирургија во Скопје. Во телефонски разговор ни рече дека најважно од се е што останал жив и што се спасени селото и природните убавини околу него. 

Димов има неполни 40 години. Во моментов невработен, сопруг и татко на три малолетни деца. Ни рече дека никогаш нема да го заборави тој ден. 

- Бев дома, кога поголемото дете дојде и ми кажа дека избувнал пожарот кај селото. Ниту за момент не се колебав, го земав тракторот со плуг и заминав на пожарот, за да одорам и да го пресечам огнот што се вели, да направам противпожарна пресека за да го спречам огнот да се шири накај селото. Имаше силен ветер, што одеднаш ги наврте пламените јазици околу мене. Немаше каде да одам. Удолу брег, угоре високо. Секундарно морав да одлучам, целиот да изгорам или со најголема брзина и контра пламените јазици веднаш да излезам. Се најдов лице во лице со огнот и излегов од канџите на пламените јазици, но се здобив со изгореници, раскажа хуманиот Димов.

Со повреди на раката и ногата, лицето и увото, бил преземен од Итна медицинска помош и однесен на Клиниката за пластична хирургија. 

- Ќе ми биде малку болно и тешко додека заздравам. Но најважно е што останав жив да му се радувам на семејството, ни рече тој. 

Не заборави да каже, дека, повторно да треба молњевито да одлучува, повторно би го сторил истото, во одбрана на своето село и околната природа.