Loading Video...
Свет
24. јуни 2024 - 12:30

Преглед на вестите од светот

Руските власти се уште не ги идентификувале лицата кои вчера извршија координирани напади во два града во Дагестан, при што во уличните борби загинале најмалку 15 полицајци. Во нападите врз синагоги и цркви во Дербент и во главен град Махачкала биле убиени и неколкумина цивили, вклучувајќи свештеник и најмалку шестмина напаѓачи, додека по останатите и натаму се трага. Засега никој не ја презеде одговорноста за нападот, што властите го опишаа како терористички.

Регионалнниот шеф на Дагестан, Сергеј Меликов, кажа дека биле нападнати две синагоги и две православни цркви, како и полициска станица.

„Ситуацијата во регионот е под контрола на органите на прогонот и локалните власти. Истрагата за нападите ќе продолжи додека не се откријат сите заспани ќелии на милитантите“, изјави Меликов.

Премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху вчера изјави дека наскоро ќе завршат интензивните борби против Хамас во Рафа. Тоа не значи дека војната ќе заврши наскоро … По завршувањето на интензивната фаза, ќе можеме да прераспоредиме некои сили на север и тоа ќе го направиме, главно за одбранбени цели, но и за враќање на раселените жители во нивните домови, истакна Нетанјаху. Тој додаде дека нема да прифати никаков „делумен“ договор. – Целта е да се вратат заложниците и да се искорени режимот на Хамас во Газа, наведе Нетанјаху. Инаку во Израел продолжуваат демонстрациите против владата на Нетанјаху, а демострантите бараат избори и брзо ослободување на заложниците.

САД, Јапонија и Јужна Кореја во заедничка изјава ја осудија продлабочената воена соработка помеѓу Северна Кореја и Русија.

Напредокот на партнерството помеѓу Северна Кореја и Русија, а по потпишувањето на Договорот за сеопфатно стратешко партнерство за време на посетата на рускиот лидер Владимир Путин на Пјонгјанг на 19 јуни, треба сериозно да ги загрижи сите кои имаат интерес за одржување на мирот и стабилноста на Корејскиот Полуостров. САД, Јужна Кореја и Јапонија ја потврдуваат својата намера за зајакнување на дипломатската и безбедносната соработка за спротивставување на заканите што Северна Кореја ги претставува по регионалната и глобалната безбедност и спречување на ескалација на ситуацијата.