Балкан
17. April 2024 - 10:48

Хаџоли: Повеќе од 300 Косовари блокирани на границата со Хрватска

Хаџоли на својата страница на Фејсбук пишува дека „во знак на одмазда и апсурдна нервоза“ поради синоќешното гласање во Парламентарното собрание на Советот на Европа за членство на Косово во таа институција, Србија не ги пушта автобусите со косовски регистарски таблички.

– Во знак на одмазда и апсурдна нервоза поради изгласувањето на Парламентарното собрание на Советот на Европа за членство на Република Косово во оваа меѓународна институција, граничните власти на Србија, на преминот „Батровци“ меѓу Србија и Хрватска, држат блокирани од полноќ најмалку четири автобуси со регистерски таблички и патници, државјани на Република Косово, напиша Хаџоли.

Објаснувањето од српските власти, како што вели тој, е дека тоа го наредил Белград.

– Блокирањето на над 300 граѓани со задржување на нивните пасоши и патни документи, е флагрантно кршење не само на бриселските договори, туку и на универзалните човекови права загарантирани со сите меѓународни конвенции. Само најавторитарните режими ги блокираат патниците од друга земја, со образложение „ова е наредба од Белград“, напиша Хаџоли.

Тој вели дека планира лично да оди на граничниот премин меѓу Хрватска и Србија каде што се блокирани косовските патници.

– Бидејќи српската Канцеларија за врски не комуницира со нашата Канцеларија, како што се случи и утринава, побарав и чекам блиска придружба за да отпатувам до преминот Батровци, за да им се најдам во близина на нашите сограѓани и во знак на протест кон ваквиот развој, напиша Хаџоли.