Балкан
31. October 2023 - 13:50

Фон дер Лајен во Подгорица: Црна Гора направи голем напредок, се движи кон ЕУ

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денеска во Подгорица изјави дека проширувањето на ЕУ е на врвот на приоритетите на Европската комисија и посочи дека Црна Гора веќе долго е земјата која што најмногу напредувала на патот кон Унијата и дека треба заедно целосно да се фокусираат на постигнување на оваа цел.

„Знам колку се посветени граѓаните на Црна Гора на пристапувањето во ЕУ. Драго ни е што помагаме да се оствари. Вие сте многу вредна членка на НАТО и придонесовте за многу позитивни прашања“, рече Фон дер Лајен.

По средбата со црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ, таа и честиташе на Црна Гора за 100% почитување на безбедносната и надворешната политика на ЕУ.

Таа повтори дека Црна Гора одамна е земјата која постигнала најголем напредок на патот кон ЕУ, посочувајќи дека и е драго што Подгорица е решена да ја задржи таа позиција. Таа со Милатовиќ разговараше и за потребата од приближување на економиите на ЕУ и Црна Гора и посочи дека Црна Гора има потенцијал да биде главен снабдувач на електрична енергија во регионот.

Црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ изјави дека перспективата за полноправно членство на Црна Гора во Европската Унија и пред 2030 година е сосема реална и можна и дека нејзиниот влез во членство ќе биде одлична порака до сите други земји кандидати дека процесот на проширување е жив.