Македонија
28. September 2023 - 16:53

24 годишно момче со висока температура почина во Битолската болница

Неконтролирано внатрешно крварење од повеќе органи предизвикано од инфекција е причина за смртта 24-годишно момче во Битолската клиничка болница, покажала обдукцијата. Момчето од битолско Цапари една недела имало висока температура, а последните три дена по препорака на матичниот лекар пиел антибиотик. 

- Резултатите од обдукцискиот наод ни покажаа првично дека се работи за дисиминирана интраваскуларна коагулација (ДИК) или брзо трошење на факторите за згрутчување на крвта што доведува до неконтролирано крварење од многу органи и системи. Тоа резултира со прогресивно стварање на тромбози и микротромби во сите органи и со секундарно крварење. Тоа најчесто настанува како резултат на тешки инфекции како што беше случајот со детето, изјави д-р Елизабета Ивановска, директор на Клиничката болница Битола.

24-годишникот прв пат во болницата амбулантски бил третиран завчера. По прегледот му била дадена терапија и го пуштиле дома. Ноќта состојбата на момчето му се влошила и вчера наутро го хоспитализирале на Интерно, но бидејќи наодите од лабораториските анализи биле лоши и се пожалил на заматен вид околу пладне го преместиле на одделот за интензивно лекување. Директорката на Битолската болница вели дека пациентот комплетно бил третиран од лекари од сите специјалности кои му ги направиле потребните прегледи и испитувања.

- Комплетно беше третирано со направени анализи на компјутер, глава, абдомен, торакс, повикани беа конзилијарно лекари од други одделенија на болницата. Го прегледаа доктори од Неврологија, Инфектологија, ОРЛ, Хирургија, Очно и други одделенија, но лабораториските наоди беа лоши со пореметени фактори на коагулација, многу високи Д-димери 15.000 и пад на тромбоцитите до 17 и за жал околу 18 часот почина на КАРИЛ, вели д-р Ивановска.

Министерот за здравство и за овој случај иницираше вонреден инспекциски надзор од страна на ДСЗИ. Претходните два смртни случаи во Битолската болница кои беа обелоденети во јавноста ги истражуваше и обвинителството. За малата Јана не беше утврдена лекарска грешка, а за новороденчето се уште нема епилог.