Свет
31. March 2023 - 14:24

Кремљ ја отфрли можноста за прекин на офанзивата против Украина

Кремљ ја отфрли можноста за запирање на офанзивата против Украина и покрај повикот на нејзиниот главен сојузник, белорускиот претседател Александар Лукашенко.

„На темата Украина ништо не се менува: специјалната воена операција продолжува, бидејќи тоа е единственото средство за постигнување на целите со кои се соочува нашата земја денес“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
 
Тој прецизираше дека претседателот Владимир Путин следната недела ќе разговара со Лукашенко за примирјето предложено од белорускиот претседател.

„Русија не може да ја игнорира хипотетичката опасност што ѝ ја претставуваат повиците за распоредување нуклеарно оружје во Украина“, додаде Песков, коментирајќи ја петицијата објавена на веб-страницата на украинскиот претседател Володимир Зеленски. Ова е „многу опасен тренд“, нагласи портпаролот.

Тој ја дефинира дискусијата за идејата за испраќање мировни трупи во Украина како потенцијално многу опасна. Претходно, унгарскиот премиер Виктор Орбан спомена за слични дискусии во ЕУ.