Македонија
7. February 2022 - 8:03

Седници на четири собраниски комисии

Во Собранието денеска седници ќе одржат Комисијата за економски прашања, Комисијата за финансирање и буџет, Комисијата за одбрана и безбедност и Законодавно-правната комисија.

Законодавно-правната комисија ќе одржи три седници, на кои ќе бидат разгледани повеќе закони со европско знаменце, меѓу кои и Предлог на закон за граѓанска одговорност за навреда и клевета, во прво читање.

На дневен ред на седницата на Комисијата за економски прашања се Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за установите во прво читање како и предлог финансиски план на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги за 2022 година.

Членовите на Комисијата за финансирање и буџет ќе ги разгледуваат предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност, по скратена постапка во второ читање, предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри во прво читање, како и финансискиот план на Агенцијата за супервизија на осигурување за 2022 година.

На дневен ред на Комисијата за одбрана и безбедност е Статутот на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ – Скопје, во прва фаза.