Ќе има ли во вторник и средба на историчарите во Софија?
Македонско-бугарската меѓувладина седница сепак нема да ги заобиколи и историските прашања.
И покрај тоа што двајацата премиер Петков и Ковачевски фокусот го ставаат на економијата, инфраструктурата, образованието и културата, сепак во вторник во Софија со владината делегација ќе отпатува и предводникот на македонската исторска комисија, професорот Драги Ѓорѓиев.
Од македонското МНР за Сител потврдуваат дека Ѓорѓиев во рамки на оваа посета ќе оствари средба со својот бугарски колега ко-претседавач со бугарската комисија Ангел Димитров.
Средбите на заедничката Комисија за историски прашања се договараат меѓу самите членови на Комисијата и според досегашните нивни планови, наредната средба е договорено да се одржи на 24 и 25 февруари годинава.
Во рамки на заедничката Владина седница на Северна Македонија и Бугарија во Софија се очекува само средба меѓу копретседавачите на Комисијата од двете страни, професорите Драги Ѓорѓиев и Ангел Димитров. За повеќе детали за текот на оваа средба јавноста ќе биде запознаена од самите копретседавачи со Комисијата, посочуваат од МНР.
Сепак што ова ќе значи и што ќе биде во фокусот на оваа средба денеска не откриваат ниту од македонска ниту од бугарска страна. дали оваа средба ќе значи дека и историската комисија ќе треба да ја следи диманиката на останатите 4 работни групи кои ќе одржуваат по еден состанок месечно, од комисиите не откриваат пред да се одржи средбата.
Три дена пред првата меѓувладина седница денеска и Бугарија ги утврди членовите и претседавачите со 4-те работни групи за економија, инфраструктура, европска интеграција и образование, кои во следниот период ќе одржуваат по еден состанок месечно и кои треба да придонесат за подобрување на соработката меѓу двете земји.
-
Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар