Живот
30. September 2021 - 11:29

Мон Блан за четири години понизок за еден метар

Мон Блан, еден од највисоките врвови во Европа, за четири години се снижил за речиси еден метар и неговата висина сега е 4.807,81 метар. Тим од 30 луѓе ги направи мерењата во средината на септември.

– Сега климатолозите, глациолозите и другите стручњаци треба да ги обработат сите собрани податоци и да предложат хипотези за објаснување на оваа појава, истакнуваат научниците од одделот Горна Савоја, кои вршат мерења на секои две години.

Претходните податоци беа објавени 2017 година.

Висината на Мон Блан варира бидејќи е покриен со траен снег, што се менува зависно од времето и врнежите. Карпестиот врв е висок 4.792 метри. Целта на редовните мерења е да се направи шема за ледената покривка и да се создаде база на податоци со точни и веродостојни податоци што ќе се користат во иднина.

Според податоците од 2017 година, висината на врвот била 4.808,72 метри. Претходно, во 2007 година тој број изнесувал 4.810,9 метри.

Мерењата од 2019 година, според западните медиуми, не биле објавени бидејќи се „екстремно ниски“ – 4806,03 метри, и мора внимателно да се земаат предвид. Затоа, било одлучено да се почекаат следните податоци.