Бизнис
28. May 2021 - 16:39

МЕПСО и Електродистрибуција бараат струјата да поскапи за 5 проценти - ЕСМ нема дадено пресметка

Ако Регулаторна ги прифати барањата на енергетските компании, цената на електричната енергија ќе се зголеми за најмногу 5%, но под услов ЕСМ да не ја поскапи струјата што ја продава на универзалниот снабдувач.

Според доставените пресметки до регулаторот, МЕПСО, чиј удел во крајната цена на струјата е 3,5%, за сопствената цена бара покачување од 143%, додека Електродистрибуција, чиј удел во формирањето на крајната цена е 36%, бара покачување од 0,95%.
Или, пресметано во пари, ако Регулаторна ги прифати нивните барања, за сметка од 1.000 денари ќе има покачување од најмногу 50 денари, односно 5%.

Првиот човек на Регулаторна вели дека сè уште е рано да се лицитира со цената на струјата, бидејќи најголемо влијание врз неа има цената што ЕСМ на тендерот во јуни ќе ја понуди на универзалниот снабдувач за следните шест месеци. Бислимовски вели дека тоа се барања на компаниите кои тие допрва ќе ги разгледуваат. Но, нема да прифати никакви трошоци кои не се однесуваат директно на дистрибуцијата и преносот на струја.

За да се ублажи ценовниот удар врз џебот на потршувачите, Регулаторна уште лани предложи да се намали износот на ДДВ-то за струја од 18% на 5%. Доколку се случи тоа, според пресметките од фактурираното лани, во државниот буџет на годишно ниво би се слеале 28 милиони евра помалку. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ веќе се изјасни дека ја поддржува идеата за намалување на ДДВ-то за струја и за таа цел најавија дека ќе предложат законски измени во Парламентот.

Крајната цена за регулираниот пазар на струја, од каде се снабдуваат домаќинствата, ќе се знае до крајот на јули, а ќе важи од август. Со последната корекција лани струјата поскапе за 7,4%.