Македонија
21. August 2020 - 11:53

Судењето за актерката Силвија Стојановска продолжува на 7 септември

На денешното судско рочиште за актерката Силвија Стојановска и нејзиниот партнер Воислав Будисавјевиќ, обвинети за производство и пуштање во промет наркотични дроги беше прочитано обвинението, а одбраната ги изнесе воведните зборови пред судот.

Според обвинението, Стојановска и Будисавјевиќ организирале транспорт на 700 килограми кокаин од Колумбија во Шпанија.

-Во текот на истрагата Обвинителството утврди дека во периодот од јули 2019 година до 18.12.2019 година обвинетите, заедно со тројцата обвинети во Кралството Шпанија, од кои едниот е македонски државјанин, брат на првообвинетиот, како и повеќе лица, зеле учество во неовластено купување, пренесување и продавање кокаин во вкупна количина од 698.758,1 грама. Обвинетите подготовувале и организирале неовластено купување, превезување и сместување на кокаинот од Колумбија до Мадрид, Кралството Шпанија, и барале купувачи на неа, информира Обвинителството.

Обвинетите меѓусебно комуницирале со користење енкрочат телефонски мобилни уреди, како и енкрочат мобилни апликации со заштитени канали, а користеле и уред за детектирање евентуална полициска инсталација и дигитални преноси за примена на посебни истражни мерки

Двајцата беа приведени на крајот на декември минатата година. Стојановска е неколку месеци во куќен притвор, а Будисављевиќ во притвор.

Ново судско рочиште е закажано за 7 септември.