Македонија
5. July 2019 - 14:10

Почна изградбата на првата социјална зграда во Пробиштип

 Почна изградбата на првата социјална зграда во Пробиштип, што треба да се изградиза 18 месеци, а во неа да се вселат 48 семејства од социјално ранливите категории. Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, директорот на АД за станбен и деловен простор, Кристијан Трајковски и градоначалникот на Општина Пробиштип, Драган Анастасов денеска присуствуваа на официјалниот почеток на изградбата на зградата, која ќе чини околу еден милион евра.

Министерот Сугарески истакна дека годинава ќе се градат вкупно 10 вакви згради низ општините во земјава, а најголема ќе биде во Бутел.

– Целта ни е со нашите политики, во делот на социјалата да обезбедиме покрив над глава на најсиромашните семејства во нашата држава. Ние се надеваме дека согласно предвидените рокови оваа зграда во Пробиштип ќе биде реализирана и на тој начин да овозможиме на сите оние лица, кои се социјално загрозени да аплицираат за добивање на покрив над глава. Сакам да потенцирам дека овие денови ги потпишав решенијата за определување на социјалните станови во Општина Кочани. Овие денови ќе ги добијат решенијата, оние што аплицираа претходно, вели Сугаревски.

Директорот на АД за станбен и деловен простор, Трајковски истакна дека овој месец почнуваат со изградба на две вакви згради, од кои едната во Пробиштип, а наредната недела во Неготино.

– Очекувам наредната недела и во Неготино да ставиме камен темелник, потоа доаѓа зградата во Бутел, која има 312 станови и очекувам дека и таа до крајот на месецов ќе почнеме да ја градиме. Она што сакам да го потенцирам е дека заедно со министерот работиме на изградба на 10 социјални згради и некаде до ноември сите треба да бидат почнати со градба и очекуваме роковите во договорите во целост да бидат испочитувани, вели Трајковски.

Тој најави дека за овие згради ќе има нов систем за распределување на становите, кој треба да биде усогласен од страна на Министерствата за транспорт и врски и социјални работи.

– Тоа ќе биде транаспранетна постапка, за секој социјален случај согласно бодовите, што ги остваруваат во делот на нивните примања, број на членови на семејство и ќе ги добиват по електронски систем, кој ќе биде реален и ќе им обезбеди на оние социјални категории, кои се најзагроезни и најмногу им треба реашавање на станбеното прашање, вели Трајковски.

Новите 10 згради за социјално ранливите семејства во земјава ќе чинат 10 милиони евра, од кои зградата во Бутел ќе чини 7,5 милиони евра, а останатите чинат по околу еден милион евра.

Околу прашањето дали ќе се реши и проблемот со постојните социјални згради во земјава, во кои има празни станови, во кои веќе не живеат семејства бидејќи заминале во странство и ги користат само за време на летните одмори, Трајковски истакна дека теренските контроли веќе работат на терен, за да ја утврдат фактичката состојба.

– Кога ќе ги утврдиме сите оние станови каде што нема лица, кои во моментов не живеат во нив, истите ќе бидат пратени во Министерството за труд и социјала за да се утврди нивната состојба, односно дали тие лица и понатаму ги исполнуваат условите за тие станови да ги користат. Доколку се утврди дека тие лица не ги исполнуваат условите, ние понатаму ќе пристапиме кон раскинување на договори и тие станови ќе бидат доделени на оние лица, на коишто им се потребни, вели Трајковски.

Градоначалникот Анастасов истакна дека во рударскиот град Пробиштип за првпат се гради ваква станбена зграда, со што ќе се реши станбеното прашање на примателите на социјална помош, но и на лицата за инвалидитет и лицата со посебни потреби, како и за самохраните родители. Тој очекува веќе наредната година овој капитален проект да биде и завршен, а зградата да ги добие и своите станари на кои им е потребно да се реши станбеното прашање.