Македонија
21. November 2018 - 14:35

Бошњаковски: Наводите за азил се лажни, Груевски ќе биде екстрадиран во Македонија

Груевски ќе се врати во Република Македонија и тука ќе ја отслужи казната. Наводите во барањето за азил се целосно лажни и очекуваме дека унгарските власти ќе ја отповикаат одлуката за азил и дека Груевски ќе биде екстрадиран, изјави портпаролот на Владата Миле Бошњаковски.

На прес-конференција рече дека постапката за  екстрадиција е почната, документацијата е пратена во Владата на Унгарија и дека таа е одделна од постапката за азил, односно двете постапки воопшто не се во корелација.

-Унгарија е земја членка на Европската Унија и на НАТО која досега во сите постапки на екстрадиција кои постоеле помеѓу Република Македонија и Република Унгарија во ниту еден момент не било укажано дека постојат одредени неправилности во судските процеси во Република Македонија, како што е во овој случај со Никола Груевски. Кристално јасно е дека наводите во барањето азил се лажни, барањето за екстрадиција е испратено. Груевски не го бараме само за да ја одлежи казната во Република Македонија, пресудата од две години затвор, туку тој се бара и за повеќе други истраги и судски процеси кои се во тек. Тоа значи дека барањето за екстрадиција е целосно, темелно и овозможува дефинитивно негово враќање во Република Македонија, рече Бошњаковски.

На прашањето каде се пропустите и  кој е одговорен за бегството на Груевски од кое поминаа десет дена, а нема информации, владиниот портпарол одговори дека се водат две постапки во МВР и кога сите информации ќе бидат утврдени, детални и темелни, ќе бидат презентирани во јавност.

Бошњаковски не ја коментираше изјавата на претседателот на Србија Александар Вучиќ во врска со движењето на Груевски, односно дека пропусот е во тоа што не постоела меѓународна потерница и можел легално да ги минува границите. – Владата нема да коментира изјави на државници од други држави, додаде Бошњаковски.

На прашањето дали притворот за поранешниот директор ан УБК Сашо Мијалков е одлука само на Специјалното јавно обвинителство или за тоа е разговарано и вчера на седница на Влада, односно дали  министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски имал сознанија за бегство на Мијалков, портпаролот рече дека Владата никогаш не дискутира работи кои се поврзани со правосуданта власт.

На вчерашната владина седница бил прифатен моделот Управата за безбедност и контраразузнавање да се одвои од Министеството за внатрешни работи, по примерот на речиси сите земји во ЕУ. Целта е, рече Бошњаковски, да не постои концентрација на моќ помеѓу службите. Оваа реформа не се однесува само на УБК, туку, рече, и на реформите во военото разузнавање и во Агенцијата за разузнавање.

– Се работи за сеопфатни реформи кои почнаа со формирањето на Оперативно-техничката агенција. На овој начин се зголемува контролата врз овие безбедносни служби и се оневозможува нивна злоуотреба како што постоеше во минатото, рече портпаролот.

Владата вчера дала негативно мислење за предлогот за амнестија кој стигнал преку Собранието од пратеници на ВМРО-ДПМНЕ.

– Предлогот е поставен на целосно погрешни темели. Тој предвидува целосна, општа амнестија за сите учесници. Тие тоа го бараа долго време наназад, нешто што никогаш ниту било ветено, ниту може да биде прифатено од оваа Влада, рече портпаролот Бошњаковски.