Договорот за името во собраниска процедура
Претседателот на Собранието на Република Македонија Талат Џафери за утре во 11 часот ја закажа седницата за Предлог - законот за ратификација на Конечната спогодба за решавање на разликата како што е опишана во резолуциите на Советот за безбедност на Обединетите нации 817 (1993) и 845 (1993), престанување на Времената спогодба од 1995 година и воспоставување на стратешко партнерство помеѓу страните, по скратена постапка.
Предлог-законот Владата до Собранието го доставила со европско знаменце, така што по изгласувањето на потребата за донесување на Предлог-законот за ратификација на Договорот, матично тело кое ќе се разгледува ќе биде Комисијата за европски прашања, чиј претседател е Артан Груби.
Претседателот на Собранието Џафери за МИА вели дека очекува до петок договорот за решавање на спорот со името да биде ратификуван од страна на Парламентот и тој да биде пратен кај претседателот на државата Ѓорге Иванов. Тој во текот на денешниот ден имал средби со сите координатори на пратеничките групи во Собранието, вклучувајќи ја и опозицијата.
Се очекува утре Собранието да ја изгласа потребата за донесување на Предлог-законот за ратификација на договорот за решавање на спорото со името, по што Комисијата за европски прашања би имала два дена, според Деловникот, да го разгледа и да се изјасни за него. Потоа Предлог- ратификацијата повторно оди на пленарна седница.
За да се усвои Предлог-законот потребно е обично мнозинство, односно со мнозинство од присутните пратеници. Минимален кворум за работата на законодавниот дом е 61 пратеник.
Владата на Република Македонија на денешната 74. седница го разгледа и усвои Предлог - законот за ратификација на договорот.
По донесувањето договорот треба да биде испратен до претседателот Иванов, кој има рок од седум дена да го потпише. Доколку Иванов го употреби правото на вето, договорот повторно оди во собраниска процедура, но тогаш ќе мора да биде изгласан со апсолутно мнозинство, 61 пратеник треба да гласа „за“. Договорот во тој случај повторно се испраќа до претседателот, кој според Уставот е обврзан да го потпише.
Договорот за решавање на спорот за името помеѓу Македонија и Грција беше потпишан вчера во Псарадес, на грчката страна на Преспанското езеро.
Ново на Сител
-
Неколкумина повредени откако автомобил удри во група луѓе во Штутгарт
-
Затворска казна до три месеци или парична казна од 300 евра за паркирање приколки или кампери на јавни простори во Грција
-
Туристичкиот остров Бали остана без струја
-
Ирскиот регулатор за заштита на податоци го казни ТикТок со 530 милиони евра
-
Грег Попович се повлекува од функцијата тренер на Сан Антонио Спарс
-
Земјотрес од 7,4 степени според Рихтер ја погоди Аргентина, издадено предупредување за цунами
-
Трамп: Планирам да му го укинам на Харвард даночното ослободување
-
Принцот Хари ја изгуби правната битка со британската влада околу полициска заштита