Македонија
17. October 2015 - 15:34

Во Теарце манифестација Ден на гравот

Невладината организација Центар за едукација и развој од Теарце и годинава шести пат по ред го организираше Денот на гравот што се одржа во дворот и просториите на основното училиште Кирил Пејчиновиќ во Теарце. Манифестацијата се одржува со подршка на локалната самоуправа и неколку други организациии.

- Целта на оваа манифестација е пред се промоција на гравот како наше најпознато јадење и земјоделска култура и производ, но и да го собере локалното население и гостите на една заедничка маса без разлика на која заедница припаѓаат, вера, нација. Сме имале разни проблеми низ годините додека сме ја организирале како лоши временски услови, недоволно средства и слично, но ние сме решени Денот на гравот да продолжи како манифестација и во следните години, изјави Лазар Ѓорѓевски од Центарот за едукација и развој – Теарце.

Главен готвач на овој познат деликатес веќе петта година по ред е Мирко Ѓорѓевски. Според неговиот домашен рецепт, гравот заедно со зеленчукот треба да се вари најмалку три часа и тоа ако гравот одлежал во вода претходната ноќ, како и при готвењето тој да се вари со вода со која била наводнуван во текот на растењето и зреењето. Со вака подготвениот грав денеска во Теарце ќе се послужат околу 200 гости.

- Земаме 20 килограми грав, 5 килограми пиперки, 2 килограми домати и 5 килограми кромид и откако зеленчукот ќе се исецка се заедно се става во казанот додека не се свари. Потоа се додава вегета, бибер, сол и се по ред. На крајот се става запршка од 2 килограми кромид и 100 грама брашно и откако тоа ќе поцрвени го ставаме во казанот, рече готвачот Ѓорѓевски.

Тетовскиот грав се карактеризира со крупно зрно и квалитет што ги надминува границите на регионот и државата. Годинава сушата придонела родот да биде помал, но со добар квалитет. Одгледувачите се надеваат дека со брендирање и заштита на „тетовецот“ ќе се зголеми производството на грав, како и интересот за негово одгледување особено од помладите.

Според Среќко Анчески, земјоделец од Доброште во зависнот од вложениот труд, наводнувањето и другите потребни работи гравот носи приноси на декар од 100, 150 до 200 килограми.

Побарувачка има, но нема доволно грав – малку се работи. Цената е исплатлива годинава оди од 150 до 160 денари, 130 денари за килограм на големо. Исплатлива е цената само треба да се работи, смета Анчески.

Во рамките на овогодинашната програма освен дегустација на гравот беа претставени и собирачи и преработувачи на шумски плодови од Косово, а учениците од едно училиште од Велес и неколку од општина Теарце им овозможија на присутните да пробаат од приготвената од нив храна.