Фудбал
19. July 2017 - 12:49

Панучи ја предводи Албанија во Струмица

Прославениот италијански фудбалер, Кристијан Панучи (44), е именуван за нов селектор на фудбалската репрезентација на Албанија. Панучи на кормилото го наследи сонародникот Џовани ди Бјази, кој со пласманот на ЕУРО 2016 го оствари најголемиот успех на албанскиот фудбал.
 
„Неговото искуство како играч, но и како тренер, носи нови надежи за нашата фудбалска репрезентација“, рекол на потпишувањето на договорот претседателот на Фудбалскиот сојуз на Албанија, Арманд Дука.
 
Италијанецот на промоцијата рекол дека негова цел е со Албанија во наредните квалификации да избори пласман на ЕУРО 2020.
 
Кристијан Панучи селекторското деби на клупата на албанската репрезентација ќе го има на 2 септември кога Албанија во рамките на седмото коло во Г-групата ќе го пречека Лихтенштајн. Три дена подоцна, на 5 септември, Албанија и Панучи ќе гостуваат во Македонија.
 
Панучи тренерската кариера ја започна како асистент на Фабио Капело во репрезентацијата на Русија, а самостојно ги има предводено Ливорно и Тернана.