Македонија
31. January 2018 - 8:24

Нимиц во Скопје на средби со македонскиот државен врв

 Медијаторот на ОН во спорот за името Метју Нимиц по посетата на Атина, денеска доаѓа во Скопје на дводневни разговори со македонскиот државен врв.

Нимиц, вчера, по средбата со министерот за надворешни работи на Грција Никос Коѕијас, изјави дека постои моментум и оти е време за носење одлуки. На средбата двајцата разговарале за идеите кои медијаторот ги достави пред две седмици, ги слушнал позициите на владата и оцени дека грчката Влада е искрена и активна во решавањето на проблемот.

- Мислам дека постои моментум тука. Чекањето нема смисла тука, нема смисла кај северниот сосед, генерално нема смисла. Разговараме за ова прашање 25 години, сите знаат кои се прашањата. Време е за носење одлуки и мислам дека сме тука, рече медијаторот по средбата со Коѕијас, без да даде конкретен временски рок, потенцирајќи дека во следните седмици ќе има разговори и потоа ќе треба одново да се процени ситуацијата, јави дописникот на МИА од Атина.

Во изјава за медиумите, тој не сакаше да ги открие неговите идеи и предлози, велејќи дека не е добра идеја да коментира што предложил. Посочи дека во медиумите протекоа некои од идеите, но нагласи оти јавно засега не може да зборува за тоа.

Во меѓувреме, шефот на грчката дипломатија, говорејќи за грчката државната телевизија ЕРТ, откри дека Грција кон средината на февруари ќе и достави на Македонија нацрт спогодба со четири точки - предлози за името, иредентизмот, меѓународни и регионални односи на Македонија и мерки за позитивна агенда.

Како што јави дописникот на МИА од Атина, според Коѕијас, спогодбата која уште е во фаза на формулација, најпрво ќе и биде презентирана на грчката, а потоа на македонската влада, доколку биде прифатена ќе претставува основа за решавање на проблемот, ќе треба да добие зелено светло од парламентите на двете земји и ќе го отвори патот на Македонија до НАТО и ЕУ.

- Во оваа спогодба ќе бидат вклучени сите теми што се отворени во врска со името. Посебно поглавје за иредентизмот, но и за темите што се однесуваат на иднината на земјата, за нејзината интеграција во меѓународни организации и позитивна агенда, како можат дополнително да се развијат нашите односите, рече Коѕијас.

Тој, вчера, во однос на нацрт спогодбата, одговарајќи на прашањето на дописникот на МИА од Атина, посочи дека спогодбата нема да биде земи или остави и дека и другата страна ќе има можност да интервенира со свои предлози. Вели дека македонската страна е запознаена со идејата, меѓутоа содржината ја разработува Атина, додека пак за временскиот рок, кусо коментира „што е можно побргу“. За нацрт спогодбата, пак, рекол дека го известил и медијаторот Нимиц

Инаку, шефот на грчката дипломатија, потврди дека медијаторот доставил пет конкретни предлози, четири имиња на македонски јазик и едно Македонија (Скопје), додека пак во однос на грчките позиции рече дека според негово мислење името треба да биде сложено со терминот Македонија, „да не биде на англиски да биде на јазикот или јазиците на оваа земја, без превод“.

Од кабинетот на шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров, пак, за МИА изјавија дека во пресрет на посетета на специјалниот пратеник Нимиц, јавното соопштување крајни позиции може да го намали просторот за разговори.

- Од наша страна има добра волја за заемно прифатливо решение кое ќе ги почитува интересите, достоинството и идентитетот на двата народа.  За да дојдеме до решение ќе биде нужна добра волја и од другата страна, се наведува во реакцијата на македонското МНР на интервјуто на Коѕијас на државната телевизија ЕРТ.