Македонија
22. January 2021 - 20:47

Николовски: Доколку Пендаровски го потпише Законот за попис ВМРО-ДПМНЕ ќе собере над 10.000 потписи од граѓани

Власта сака да прави политички попис во Македонија, изјави денеска во гостувањето на Сител потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски.

Истакна дека бројките од пописот мора да се кредибилни бидејќи живееме во мултиетничка држава.

-Ние дадовме шанса од септември минатата година заеднички да седнеме и усогласиме текст на Закон кој ќе биде прифатлив за сите. Немаше никакво разбирање од власта. Ниеден амандман на ВМРО-ДПМНЕ не беше усвоен. Законот се изгласа во Собранието, очекуваме претседателот на државата, Пендаровски да не го потпише овој Закон зашто не одговара на стандардите на Еуростат. Доколку сепак тоа го направи, ВМРО-ДПМНЕ веднаш откако законот ќе биде објавен во Службен весник ќе поднесе иницијатива до Министерството за правда со цел да се соберат потписи од граѓаните со кои ќе се бара поништување на пописот. Минималната бројка е 10.000, но јас сум убеден дека ќе има многу-многу повеќе потпишани граѓани, рече Николовски.

Смета дека тројца пратеници не се потполно со власта и откако ќе ги видат потписите за поништување на законот три пати ќе размислат дали да поддржат.

Николовски тврди дека опозицијата работи со пратеници кои доаѓаат од владејачкото мнозинство за соборување на власта.

-Ние понудивме една рецепта која СДСМ имаше можност во текот на јануари и декември да ја прифати, тоа е Влада за национално единство. Еве, не ја прифатија. Сега веќе треба да се оди на соборување на Владата зашто очигледно оваа Влада нема капацитет да се бори она што се нарекуваат економски и здравствени проблеми на Македонија, рече Николовски.