Македонија
7. May 2018 - 15:28

„Ничија земја“ на МНТ на 17. Фестивал на босанскохерцеговска драма во Зеница

Претставата „Ничија земја“ на Македонскиот народен театар во режија на Александар Морфов утре ќе биде изведена во главната натпреварувачка програма на 17. Фестивал на босанскохерцеговска драма и авторски театар во Зеница.

На фестивалот, кој ќе се одржува од 6-ти до 14 мај под мотото „Екс Понто: Каде е моето место?“, ќе учествуваат и претставите: „Рамна плоча“ - премиера на Босанско народно позориште Зеница; „Книгата на моите животи“ во продукција на Камерен театар 55 од Сараево и во режија на Сабрина Беговиќ; „Нема да биде крај на светот“ во продукција на Народно позориште од Мостар и режија на Аднан Лугониќ; „Зрењанин“ на Народно позориште „Тоша Јановиќ“ и  режија на Борис Лијешевиќ; „Једваносимсобоакаломистобо“ на тетараот „Сартр“ од Сараево во режија на Алеш Курт и „Нашите денови“ на Народно позориште од Бања Лука во режија на Југ Радивојевиќ.

- Според селекторот на фестивалот Неџат Фејзиќ, критериумите беа пред се претставите да имаат високи професионални стандарди, мерка на естетски остварувања, целовитост на сценскиот чин, театарска уверливост на сценскиот „глас", да го зборуваат современиот театарски јазик, театарски поетики кои зборуваат сценски приказни што сите нас не засегаат, кои имаат уметнички, општестени и интелектуални амбиции на сериозен општествено ангажиран театар чија естетика секогаш повикува на етика, со еден збор: да творат жив театар, соопшти МНТ. 

„Ничија земја“, која е театарска адаптација на истоимениот филм на босанскиот оскаровец Данис Тановиќ, во МНТ премиерно беше изведена во јуни минатата година. Претставата потоа гостуваше и на фестивалот „Охридско лето“.

Во актерската екипа се: Сашко Коцев, Никола Ацески, Александар Михајловски, Гораст Цветковски, Александар Микиќ, Славиша Кајевски, Александар Ѓорѓиески, Борче Начев, Оливер Митковски, Камка Тоциновски, Ненад Анѓелковиќ, Стефан Спасов, Григор Јовановски, Кристина Гиева, Филип Миленкоски, Александар Иваноски, Марија Кондовска и Никола Стефанов.