Македонија
24. September 2022 - 21:15

Незадоволство од Артан Груби во ДУИ

Дали ДУИ е среде внатрепартиска војна? Со писмо на кое се потпишани 20 истакнати членови на партијата, се бара од Ахмети да најде решение за да се врати единството во партијата.

Муса Џафери, Изет Меџити, Невзат Бејта, Блерим Беџети, Висар Ганиу, Ејуп Адеми, се меѓу потписниците кои директно го обвинуваат првиот вицепремиер Груби за самоволие.

 Во ДУИ веќе нема дебата и консултација со партиската база. Кадровските решенија се привилегија само на Артан Груби. Речиси две години нема отчет за работата на Владата и политичката програма. Поради нефункционалноста на организациониот живот на ДУИ, констатираме дека има пад на поддршката за партијата (доказ се последните избори во Тетово). Арогантното и дилетантско однесување на извршната власт на чело со Артан Груби, предизвика незадоволство, револт и пасивност на структурите и гласачите“, пишува во писмото

Потписниците бараат политичка дебата внатре во партијата за надминување на оваа состојба и одговорност и отчетност од носителите на извршната власт.

Првиот вицепремиер Груби засега не ги коментира ваквите обивнувања, реакција нема ниту од партијата.

И од владејачката СДСМ засега нема коментар дали внатрепартиските превирања кај нивниот коалициски партнер може да значи и дестабилизирање на владејачкото мнозинство со оглед дека помеѓу потписниците се и двајца пратеници од актуелниот пратенички состав на ДУИ.