Македонија
19. September 2024 - 16:33

Невладините бараат измени на Законот за младински политики

Законот за младински политики бележи слаба имплементација низ општините оти нема санкции и поставени рокови за спроведување на обврските од истиот, алармира невладиниот сектор. Децидни се дека овој закон треба да подлежи на законски измени, за посебни комисии да следат дали локалните самоуправи одвојуваат дел од буџетот за младите, дали поставените лица за раководење на локалните совети се партиски поставени лица или назначени по критериуми, и дали овие совети работат, или само постојат на хартија. 

Од донесувањето на законот во 2020-та година, до денеска може да се заклучи дека има волја кај политичарите да донесат промени во интерес на младите, ама институциите потфрлиле во неговото спроведување. Новиот состав во собранискиот дом на Клубот за младински прашања ќе проба да го поправи системот за младите, за кој и партиските опоненти се сложни дека го немаме, за да го спречи изливот на мозоци од државата.

Младите за првпат добија свое место и во првиот ешалон, во рамки на Министерството за социјална политика, демографија и млади.  Како држава која бележи опаѓање на наталитетот, полна со млади кои иднината ја гледаат во странство, пратениците се сложни дека треба да има политичка волја која нема да е во насока на позиција или опозиција, туку креирање на квалитетет систем со кои ќе се овозможи подобар живот на младите во Македонија.