Македонија
15. October 2021 - 16:37

Непостоечки гробишта во Кавадарци нов проблем во односите со Бугарија

Без официјална информација за тоа што навистина се случило со бугарските воени гробишта кај Кавадарци, Бугарија и претседателот Радев со остри пораки и обвинувања кон Македонија.

Иако бугарските власти се уште го испитуваат случајот, Радев побрза повторно да ја проблематизира положбата на Бугарите и во Македонија, тврдејќи дека во земјава постои систематско кршење на нивните права.

Тој смета дека наводното оштетување на двата споменика на загинатите бугарски војници од Првата светска војна е класичен пример за вистинскиот проблем за спорот меѓу двете земји – дискриминацијата на Бугарите во Македонија.

Но што навистина се случило со овие споменици? Одговор на прашањето побара и репортер на Бугарската национална телевизија, кој од самото место утврдил дека двата споменика на загинатите бугарски војници се практично недопрени.

Тие се наоѓаат на еден километар растојание еден од друг на магистралата која треба да ги поврзе Скопје и Прилеп. Наспроти тврдењата на фондацијата “Македонија” која тврди дека се осквернавени бугарските воените гробишта, локалните жители велат дека на ова место не ни паметат дека ги имало и дека отсекогаш постоеле само двата споменика.

Едниот од спомениците посветен на Пере Тошев е преместен кога почнала да се гради самата магистрала во 2017 година и тоа во консултација со бугарските здруженија во земјава.

Единствената замерка на бугарскиот репортер е дека откако патот ќе биде пуштен во употреба, нема да има пристапен пат до спомениците за оние кои ќе сакаат да оддадат почит.