Македонија
11. April 2018 - 14:07

Неопходна интегрирана заштита на рибата од двете страни на Охридското Езеро

Република Македонија и Република Албанија и нивните надлежни институции мора да ги усогласат мерките за физичка заштита на рибата и легислативата што го уредува стопанисувањето со рибниот фонд на Охридското Езеро.
 
Тоа беше посочено на работилницата што во организација на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство денеска се одржа во Охрид, со цел подигање на свеста за потребата од заштита на рибниот фонд во езерото и неговата животна средина, како неделиви мерки што налагаат интегриран пристап.
 
На средбата беа елаборирани состојбите со рибниот фонд од Охридското Езеро, заканите по рибната популација во него, како и идните мерки што ќе се преземат во насока на физичката заштита на рибата.
 
Според податоците на институциите, во периодот од 2010 до 2014 година на албанска страна на езерото годишно се ловеле и до 50 тони охридска пастрмка наспроти еден тон на македонска страна. Ситуацијата е дијаметрално спротивна кога се работи за охридската белвица која далеку повеќе се лови на македонската страна, како и за крапот што во Албанија воопшто не се лови додека од наша страна тој масовно се лови од рибокрадци.
 
- Десет години имавме мораториум на излов на пастрмка, но сето тоа е попусто доколку мерки не се спроведуваат на двете страни од езерото. Проблемите се далекусежни, решение мора да се бара во некаков субјект што би имал огромни ингеренции во заштитата на езерото, но не на начин како досега преку концесионерство, истакна проф. д-р Зоран Спиркоски од Хидробиолошкиот завод во Охрид.
 
Тој изрази задоволство што кај експертите односно научната фела од Македонија и од Албанија постои усогласен став по однос потребата од поголема заштита на рибата во езерото.
 
- Заеднички е ставот за потребата од порибување на езерото и контролирано искористување на рибниот фонд во стопански цели од двете страни. Една од најважните точки за нас е воведување лиценци за рибарите на албанската страна на езерото. Сметаме дека за заштита на рибниот фонд е потребна унифицирана легислатива односно законски одредби што ќе бидат подеднакви во двете држави на двете страни од езерото. Овој состанок е потврда дека двете држави и нивните институции се подготвени да работат на изнајдување решение за односната проблематика, изјави Фадил Ѓута, раководител на секторот за авакултура при албанското Министерство за земјоделство.
 
 
Како итна мерка е посочена потребата од продолжувањето на пилот-проектот почнат минатата година за отстранување на заборавен, напуштен и на друг начин оставен рибарски алат како мрежи на дното на езерото.
 
- Се вршеше детекција со ехо-сонар, со нуркачи и со влечење канџи, а потоа и остранување на мрежи од езерото на различни длабочини. Но, тое не е спроведено во целост поради непристапност на теренот дури и за нуркачите, оттаму и потреба од обезбедување нова опрема за отстранување на мрежи потонати на многу поголеми длабочини и од самото езерско дно, изјави Спиркоски.
 
Проблемот со неконтролираното изловување риба од Охридското Езеро е повеќедецениски, но истиот е особено изразен последните години. Научната фела тоа го знае, но стопанисувањето со рибата од езерото не е во нејзин домен. Експертите сметаат дека ниту иницијативата од минатото за прогласување на Хидробиолошкиот завод за субјектот што би стопанисувал и би бил физички заштита на рибата не е решение оттаму што како јавна установа е подлежна на одредени сосема спротивни влијанија.
 
Иницијативите во насока на поголема заштита на рибниот фонд во езерото секако се добредојдени, а се очекува со прогласувањето и на албанскиот дел од Охридското Езеро за природно богатство од светско значење заштитено од УНЕСКО да придонесе за поголема котнтрола на изловот на риба и нејзина поголема заштита.