Македонија
5. May 2016 - 15:54

Нема случај на мали сипаници во ТЦ Велес

Епидемиолошката служба при Центарот за јавно здравје Велес денеска информира дека нема случај на мали сипаници (морбили) во Транзитниот центар Гевгелија.

- На 3-ти овој месец од лекарскиот тим во транзитниот центар  добиено е известување за регистриран суспектен случај на морбили кај еден мигрант. Лекар специјалист епидемиолог веднаш излегол на терен. Направен е комплетен епидемиолошки увид при што е констатирано дека  во  амбулантскиот дневник  евидентирано  е девојче, родено 2013 год. од Авганистан, се наведува во соопштението од ЈЗУ ЦЈЗ Велес ПЕ Гевгелија.

Од  разговорите со дежурниот медицински тим и екипата на Црвениот крст на Република Македонија заклучено е, како што појаснува во соопштението епидемиологот др. Олумчев од ЈЗУ ЦЈЗ Велес ПЕ Гевгелија, дека  девојчето е донесено од прифатниот камп Идомени, Република Грција, со исип по кожата кој не е карактеристичен за морбили и присутен само на  грбот и стомачето и без  температура, кашлица ниту други  специфични знаци за болеста.

На пациентот дадена му е симптоматска терапија (течна пудра и сируп Парацетамол) и веднаш е вратено во Кампот Идомени во Грција, се додава во соопштението.