Македонија
8. April 2024 - 12:24

Не запираат партиските реакции за приведувањето на новинарот Фуркан Салиу

Власта и опозицијата со меѓусебни обвинувања по вчерашното апсење на новинарот Фуркан Салиу на фудбалски натпревар. 

Власта обвинува дека по назначувањето на техничкиот министер Тошковски, од редовите на ВМРО-ДПМНЕ мириса на режим, опозицијата пак, обвинува дека СДСМ заговара непочитување на законите.

Според владејачката партија, за само два месеци на чело на МВР, ВМРО-ДПМНЕ јасно покажала дека има намера да владее со сила.

-ДПМНЕ го врати ВМРО-МВРО и брутално го уапси новинарот Фуркан Салиу, во обид за замолчување и заплашување, откако објави афера директно поврзана со ДПМНЕ. Деновиве беше нападната и новинарска екипа на ТВ24 на партиски митинг на ДПМНЕ. Исто како во времето на режимот, ДПМНЕ напаѓаат и навредуваат новинари, монтираат анкети, јавниот сервис го користат како месен комитет на партијата, ја загрозуваат демократија, слободата на говорот, се вели во соопштението од СДСМ.

Според ВМРО-ДПМНЕ, пак, СДСМ води лицемерна политика бидејќи Салиу веќе призна дека носел пиштол со него. 

-Наместо да води лицемерна политика СДС одговорите нека ги побараат во признанието на самиот Фуркан Салиу кој призна дека поседувал оружје, и дека со своето однесување придонел кон ескалација на настаните. Зошто СДС е засегната партија во овој случај?

Дали СДС заговара непочитување на законите? Тоа што се случувало пред 15 години не е никакво оправдување, ниту пак причина да не се сменат работите кои продолжуваат да бидат катастрофални овие 7 години власт на ДУИ и СДС, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Новинарот Салиу беше уапсен вчера на фудбалски натпревар, а од прес-службата на МВР соопштија дека нападнал припадник на Единицата за брзо распоредување, и оти во неговото возило бил пронајден пиштил. Салиу по излегувањето од полициската станица во Автокоманда рече дека за пиштолот имал дозвола, но претресот бил направен незаконски. Тврди и дека не нападнал никого.

По апсењето на Салиу реакции имаа новинарските здруженија, Синдикатот и Агенцијата за медиуми.