Свет
21. јуни 2017 - 12:14

Напаѓачот од Брисел предизвикал две експлозии пред да биде застрелан

Федералниот обвинител на Белгија, Ерик ван дер Сипт на денешната прес-конференција во Брисел соопшти детали од вечрашниот терористички напад на Централната железничка станица во белгискиот главни град, кој заврши без цивилни жртви.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, Ван дер Сипт потврди дека 37-годишниот маж влегол во Централната станица и преку пултот за билети стигнал до платформите каде имало поголема група на луѓе. Тој потоа предизвикал делумна експлозија во неговиот куфер, кој се запалил.

- Тој тогаш тргнал во потрага по шефот на станицата. Во меѓувреме, неговиот куфер експлодирал по втор пат. Лицето тогаш сакало да нападне еден војник што патролирал на станицата и притоа извикувал „Алах Акбар“. Војникот го застрелал напаѓач, кој потоа им подлегна на повредите. Човекот не носел појас со експлозиви и не бил познат по терористички акти, соопшти федералниот обвинител на Белгија.

Ерик ван дер Сипт исто така соопшти дека напаѓачот, кој претходно не бил поврзуван со терористичка активност, доаѓа од проблематичната бриселска населба Моленбек, од каде потекнуваа и најголемиот дел од терористите кои ги извршија ланските напади во Брисел и Париз.

Неговиот стан бил претресен, но ниту идентитетот на ова лице, за кое само се претпоставува дека е со арапско потекло, ниту некои други детали, засега не се откриваат.

Претходно, исто така на прес-конференција, премиерот на Белгија Шарл Мишел потврди дека терористичкиот напад што се случи синоќа на Централната железничка станица во Брисел бил избегнат благодарение на примерната брза интервенција на војската.

Мишел ја пофали и професионалноста на вработените во метрото, додека белгискиот министер за внатрешни работи, Јан Јамбон потврди дека идентитетот на осомничениот бил „брзо откриен“, оставајќи го федералниот обвинител и неговата канцеларија да ги откријат деталите за ова прашање.

Бриселското метро и Централната железничка станица од утринава се повторно отворени за сообраќај, откако беа блокирани синоќа околу 20:45 часот кога маж што предизвика експлозија со слаб интензитет, беше застрелан и убиен на самото место од страна на војниците кои патролираат во тој дел уште од терористичките напади во Брисел на 22 март минатата година, кога беа убиени 35 лица, а над 300 беа ранети.

Очевидци што се нашле на станицата во време на инцидентот, за франкофонската телевизија РТБФ, изјавија дека како резултат на експлозијата се создала паника меѓу присутните. Станицата потоа беше евакуирана, а железничкиот, метро и автобускиот сообраќај беше стопиран се до четири часот изутринава.

Плоштадот пред главниот влез на Централната станица, како и самата станица, се уште се затворени за јавноста.

Според изјава на железничар, осомничениот зборувал за џихад и извикувал „Алах Акбар“ за време на експлозијата. Изворите споменуваат дека човекот носел појас на експлозиви или некој објект сличен на него. Тој бил облечен во бела кошула и црни панталони и бил на возраст меѓу 30 и 35 години.

Заканата од трето ниво на опасност останува непроменета по синоќешната експлозија на Централната станица во Брисел, потврди Координативното тело за анализа на заканите (OЦAM), кое заседаваше синоќа во вечерните часови. Оваа информација, ОЦАМ ја објави на социјалната мрежа „Твитер“.

Третото ниво е во сила од ноември 2015 година и означува дека „терористички напад е можен и веројатен“. Од таа причина, присуството на до заби вооружени војници и полицајци што ќе патролираат во Брисел, но и во другите големи белгиски градови, останува до неодредената одлука.