Намалени акцизи, ДДВ и субвенции за справување со енергетската и ценовната криза
Со 26 мерки за помош на граѓаните и компаниите, во вредност од 400 милиони евра, ќе се ублажуваат последиците од економската криза и руско-украинскиот конфликт. Со нив, како што објави вчера Владата, треба да се сочува животниот стандард на граѓаните и да се одржи ликвидноста на компаниите. За справување со енергетската и ценовната криза ќе се намалува цената на горивата преку намалени акцизи и ДДВ, а најранливите категории граѓани ќе добијат субвенции. Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, ја обвинија Владата дека е одговорна за кризата, упатија критики за предложените мерки и побараа итен ребаланс на Буџетот. Итни мерки за помош побараа и асоцијаците на транспортните компании, а во меѓувреме Регулаторната комисија за енергетика донесе нова одлука за поскапување на нафтените деривати во просек за 6,88 проценти.
– Предизвиците пред нас се огромни, во услови на постпандемија се соочуваме со најголемата економска криза која Европа и светот ја паметат во поново време. На глобално ниво растот на трошоците на храната и на енергенсите како резултат на воената агресија на Русија на Украина го чувствуваме и ние денес и сега. Дисбалансот на цените на основните продукти и енергенси не засега и нас. Ова ќе биде тешка година, но со добри мерки и политики ќе ја премостиме, рече премиерот Димитар Ковачевски на прес-конференција на која ги презентираше двате групи мерки.
На граѓаните им порача дека има доволно количини на храна и енергенси во стоковите резерви и оти Буџетот е стабилен, ликвиден и во полна кондиција да ги финансира сите обврски. Нема опасност ниту по стабилноста на денарот, тврди Ковачевски.
Со најавените мерки се укинува ДДВ за лебот, шеќерот, брашното тип 400, зејтинот, трајното млеко, свежото месо, оризот и јајцата . Ќе се замрзнат и маржите за основните прехранбени производи и ќе укинат царинските давачки за увозот на основните прехранбени производи. На 35 илјади граѓани од ранливите категории, пак, ќе им бидат дадени ваучери од по илјада денари во период од три месеци за набавка на основни прехранбени производи.
Се продолжува и субвенционирањето на цената на електричната енергија на регулираниот пазар за домаќинствата и за малите потрошувачи до јуни годинава, се субвенционира цената на топлинска енергија, а се препорачува цените на горивата да се менуваат на дневна основа додека трае енергетската криза. Дел од мерките е и пролонгирањето на еколошката такса за енергенсите. Се намалува и стапката на ДДВ на 10 проценти за дизел, безоловен бензин, гасно масло, течен нафтен гас (ТНГ) и метан, како и акцизата врз основа на берзанските цени. Ќе има и ослободување од плаќање на ДДВ при увоз на природен гас и електрична енергија, топлинска енергија или енергија за разладување.
Владата препорачува и штедење и рационално користење на електричната енергија и енергенсите, а дополнително задолжени се државните и јавните институции да предложат сет мерки за рационализација на трошоците по овие основи.
За да се применат дел од мерките ќе се менуваат законите за акцизата и за ДДВ, а како што порача Ковачевски, сите пратеници имаат одговорност и обврска пред граѓаните за да бидат изгласани. Измените на законите, според најавите од премиерот, уште денеска ќе се најдат пред пратениците.
Од предвидените 400 милиони евра за мерките, 90 милиони евра се откажување од приходи, а околу 310 се директни фискални расходи. Покрај краткорочни, според министерот за финансии Фатмир Бесими, има и среднорочни мерки за подобрување на структурата на економијата и стопанството. -Со мобилизирање на капитал од приватниот сектор очекуваните ефекти од мерките се некаде 500 милиони евра во економијата, рече Бесими.
Тој информираше дека се прават анализи кога би било најдобро да се издаде нова еврообврзница, потенцирајќи дека во Буџетот има доволна ликвидност и резерви пренесени од минатата година. -Приходите се реализираат согласно планот. Имаме подобра реализација на даноците во однос на 2020, 2021, во однос на 2019 година. Според планот, досега имаме реализација на сите приходи – даночни придонеси, увозни, така во тој дел од аспект на ликвидноста сите овие мерки што ги преземаме се изводливи во рамките на тоа што се потребите и рокот на имплементација на мерките, рече Бесими, повторувајќи дека е вообичаена пракса да има ребаланс во текот на годината, особено во услови на криза како сега.
Според опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Владата предложила комплициран модел кој не гарантира намалување на цените на горивата.
-Наместо да го прифати предлогот за намалување на акцизата кај нафтените деривати, како што предлага ВМРО-ДПМНЕ, со што цената на бензинот од утре би се намалила за 13 денари, а на дизелот за девет денари, премиерот Ковачевски денеска предложи комплициран модел за намалување на акцизата кој не само што не го разбра јавноста, туку и не гарантира дека ќе придонесе за намалување на малопродажната цена на горивата, рече на прес-конференција Трајко Славески, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Ако мерката за намалување на акцизата е премалку, дополни, намалувањето на ДДВ сигурно доаѓа предоцна. Некои мерки кои одамна се во сила, беа промовирани како нови, како што е на пример додатокот за енергетска сиромаштија кај примателите на социјална помош и слично, посочи Славевски, коментирајќи ги владините мерки.
Славевски рече и дека е само делумно објаснувањето на Владата дека инфлацијата е поради надворешни фактори и влијанија и посочи дека 40 проценти од стапката на инфлација се објаснува и се должи исклучиво на домашни фактори. Побара итен ребаланс на државниот буџет и укажа дека со кратење на непродуктивни трошења може да се обезбедат средства за зголемување на платите и пензиите во насока на подобрување на животниот стандард на граѓаните. Паралелно со ова, предложи да се зголемат средствата за блок дотации и други трансфери кон единиците на локалната самоуправа за и тие да можат да ги зголемат платите на своите вработени и да ги покријат енормно зголемените трошоци за електрична енергија.
Централната банка, порача Славевски, треба да се врати на нејзината основна цел, а тоа е ценовната стабилност и да преземе соодветни мерки за спречување на растечката инфлација.
Во реакција на тврдењата на Славевски од СДСМ побараа ВМРО-ДПМНЕ да ги признае економските мерки и да ги гласа во Собранието.
-Додека државата и светот се соочуваа со последиците од пандемијата на коронавирусот, Владата предводена од СДСМ донесе шест пакети економски мерки вредни над 1,1 милијарда евра со кои се спасија над 60.000 работни места а успешноста на мерките беше поздравена и од Меѓународниот монетарен фонд. И тогаш ВМРО-ДПМНЕ плашеше со црни сценарија и ги блокираше законите за да ја одолговлекува реализацијата на мерките. Овој пат ВМРО-ДПМНЕ треба да се откаже од блокадите, да ја признае успешноста на пакетот мерки и во Собранието да ги изгласа потребните закони за нивна реализација, порачаа од СДСМ.
Во Србија денеска стапува во сила забраната за извоз на пченица, но како што информираше министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, нема да важи за земјава. Нашите мелничари, тврди тој, ќе може да ги обезбедат веќе договорените количини.
Според Николовски, интензивно се прават напори и за изнаоѓање пласман на овошјето и зеленчукот, пред се, на праските, јаболката, тутунот и грозјето, а Владата во наредниот период ќе размислува и за други интервентни мерки во земјоделството. Нивните пресметки покажале дека на извозот во Русија и Украина отпаѓа многу мал процент од вкупниот извоз на земјава.
Во меѓувреме, итна средба со Владата поради растот на цената на нафтата на која ќе бидат договорени конкретни мерки за ублажување на ударот од кризата кај транспортерите побара Стопанската интересна заедница за патен транспорт Македонија сообраќај АМЕРИТ, каде членуваат транспортни фирми за превозот на стока и на патници во внатрешниот и меѓународниот патен сообраќај.
Лефтер Андонов, управител на СИЗ „Македонија сообраќај” АМЕРИТ – Скопје, во отворено писмо до Владата предупреди дека поради големото учество на горивото во цената на транспортот и неизвесноста за транспортерите по најавата дека секојдневно ќе има нова цена, ќе бидат принудени да го прекинат превозот на стока и на патници, како и да ги повикаат своите членки на масовни протести до наоѓање решение.
Комитет за финансиска стабилност на Народната банка, претходно оцени дека финансиската и стабилноста на курсот на денарот успешно се одржуваат.
-Денарот е стабилен, а финансискиот систем исто така е стабилен и подготвен да одговори на предизвиците што би произлегле од руско-украинскиот конфликт. Сите финансиски услуги непречено се вршат и ќе продолжат да се вршат и понатаму во согласност со потребите на граѓаните и на корпоративниот сектор, соопшти Комитетот, посочувајќи дека надлежните регулатори координирано ги следат состојбите и се подготвени брзо да делуваат, да ги прилагодуваат политиките во согласност со случувањата и да ја одржат финансиската стабилност која е приоритет.
Досега, информираа од Народната банка, поизразени директни влијанија врз домашниот финансиски сектор нема и не се очекува да има поради слабите финансиски врски со Русија и Украина и отсуството на капитал од овие две држави во банкарскиот сектор.
Со одлука на РКЕ од полноќ цената на дизел горивото се зголеми за 8,5 денари за литар, а бензините поскапеа за 3,5 денари. Новата малопродажна цена на ЕУРОСУПЕР БС-95 сега изнесува 93 денари за литар, ЕУРОСУПЕР БС-98 продава за 95, а ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) за 94 денари за литар. Со одлуката на РКЕ за 6,50 денари за литар се зголеми малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) и изнесува 90 денари. Мазутот М-1 НС, пак, поскапе за 4,846 денари за килограм и ќе се продава за 59,165 денари.
Како причина за зголемувањето на малопродажните цени на нафтените деривати од РКЕ ги посочија зголемените референтни цени на нафтените деривати на светскиот пазар кај бензинот во просек за 8,971 отсто и кај дизелот за 16,811 отсто, како и за околу 1,078 отсто повисокиот курс на доларот во однос на денарот.
-Донесовме одлука со која ја намаливме трговската маржа за 33 отсто на сите трговците со нафтени деривати. Ова е единствен механизам кој на РКЕ му стои на располагање. И сега го активираме затоа што ова се вонредни услови, и мора сите да покажат солидарност. На овој начин, во крајната цена влијаеме делумно да се амортизира огромниот пораст. Дополнително олеснување врз притисокот на крајната цена ќе бидат и најавените измени во делот на ДДВ и акциза, кои апелираме побрзо да се донесат, изјави синоќа претседателот на РКЕ Марко Бислимоски.
Поради рекордниот раст на сите нафтени деривати на светските берзи од РКЕ завчера најавија дека ќе носат одлуки на дневно ниво доколку има потреба.
Ново на Сител
-
Мицкоски: Важно е состанокот со банките за унгарскиот заем да заврши успешно
-
„Тинекс“ - 30 години успешно работење и постојана инвестиција во развој и иновации
-
Уапсени две лица на натпреварот Франција – Израел
-
76-годишна скопјанка измамена од Ганец, во повеќе наврати му праќала 8.000 евра и телефони
-
АТП го казни Тиафо со 120.000 долари поради пцуење судија
-
Денеска последната супермесечина за оваа година
-
Кирјос по двегодишна пауза се враќа на тенискиот терен
-
Фалкао најдобар колумбиски стрелец во историјата