Македонија
2. January 2020 - 16:03

Наќе Чулев, нов предлог на ВМРО-ДПМНЕ за министер за внатрешни работи во техничката влада

ВМРО-ДПМНЕ го предлага Наќе Чулев, професионалец од Агенција за разузнавање како нов предлог за прв човек во МВР во техничката Влада.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска на прес-конференција соопшти дека во текот на денов ќе биде соопштен новиот предлог на партијата за технички министер за внатрешни работи и оти за него телфонски ќе се консултира со премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев и лидерот на ДУИ Али Ахмети.

Од СДСМ се уште нема став во однос на новиот предлог за технички министер за внатрешни работи.

Од ВМРО-ДПМНЕ соопштија дека Наќе Чулев е со богато искуство од областа на безбедносната политика и прашањата од Министерството за внатрешни работи.

Чулев е професионалец кој работи во Агенцијата за разузнавање, а по вокација е дипломиран криминалист со постипломски студии по мир и развој, на Институт за одбранбени и мировни студии, при Филозофски Факултет на Универзитетот Св Кирил и Методиј Скопје. Има завршено обуки и доусовршувања во Велика Британија, Германија, Бугарија и други европски држави.

Во неговата богата биографија стои дека поминал низ програмата за тероризам и безбедносни студии Џорџ Маршал, Европски центар за безбедносни студии од Германија и Лондон Велика Британија. Завршил обука и на Трансатланската академија (ТАСА) на Универзитетот Бон во Германија.

Се усовршувал за трансформација на конфликти со мировни средства на Софискиот Универзитет во Бугарија. Бил дел и од школата за балканската мрежа за човекови права во Дубровник Хрватска. Учествувал и на безбедносниот форум за стратегиска комуникација и евроатланска интеграција што беше дел од НАТО колеџ за одбрана.

Тој, како што се наведува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ, е ново лице во политиката, но не и во секторот на безбедносни прашања. Тој работи во Директоратот за разузнавање на меѓународен тероризам и организиран криминал во Агенцијата за разузнавање. Чулев е редовен предавач на Дипломатската академија на МНР.

Претходно во периодот од 2013-та до 2017-та година бил директор на Агенцијата за разузнавање. Од 2017-та до 2019-та генерален помошник на директорот на Агенцијата за разузнавање. Воедно во 2017-та година бил и предавач на Академијата за судии и јавни обвинители.

Работел и како советник во Агенцијата, а бил и прв секретар во амбасадата на Република Македонија во Анкара, Турција од 2003-та до 2007-ма година. Наќе Чулев има 47 години, роден е во Кавадарци.

Претходно ВМРО-ДПМНЕ за технички министер за внатрешни работи го предложи Драган Ковачки, армиски полковник, но тој не беше прифатлив за СДСМ.