Македонија
9. April 2024 - 12:21

Најголемата инфраструктурна инвестиција во Карбинци

Главната сообраќајна артерија за поврзување на жителите на општина Карбинци со магистралниот пат Штип – Кочани, а со тоа и со поголемите урбани центри се реконструира и асфалтира. Ова е еден од капиталните инфраструктурни проекти што општината го реализирала во својата историја на постоење и во многу го скратува патувањето до и од работните места, но и за движење пешки.

-Се работи за проширување на овој патен правец со ширина од шест метри и за првпат изградба на пешачка патека која ќе може да се користи и во вечерните часови. Ова е еден вид булеварско решение помеѓу овие две населени места и ова е навистина важен проект за поврзување меѓу регионалниот и магистралниот пат на територија на Општина Карбинци. – изјави Виктор Паунов, градоначалник на Карбинци

Реконструкцијата на патниот правец започна кон средината на минатата година. Проектот беше аплициран преку Министерството за транспорт и врски со пари од Светска банка.

-Иако интензивно се работеше, рокот беше и пробиен, од причини кои се познати само на Министрството. Меѓутоа, конечно дојде до крајот на овој проект и во следниве неколку денови ќе биде целосно завршен со асфалтирање- додаде Паунов

Вкупната вредност на инвестицијата  е 27 милиони денари, со кофинансирање на Општината за осветлување и партерно уредување.