Балкан
22. December 2020 - 19:30

Над 70 отсто од лекарите во Грција се пријавиле да се вакцинираат

Бројките што ги има Министерството за здравство од регистрацијата на здравствените работници кои сакаат да се вакцинираат се охрабрувачки, пријавени се над 70 отсто од лекарите, рече заменик-министерот за здравство на Грција Василис Кондозаманис на денешната редовна прес конференција за Ковид-19 и додаде дека процесот на регистрација на здравствените работници е во тек, јави дописничката на МИА од Атина.

Во пресрет на празниците, заменик-министерот за цивилна заштита на Грција Никос Хардаљас, уште еднаш упати апел до граѓаните да бидат претпазливи, ги повтори рестриктивните мерки, односно забраната за собири на над девет лица и полицискиот час од 22 до 5 часот наутро и истакна дека интензивни ќе бидат и контролите на полицијата.

Хардаљас истакна дека исто како што Велигден беше поразличен, исто ќе биде и за Божиќ, без прослави, а забраната за движење важи и за децата кои оваа година нема да одат од дом во дом за да пеат божиќни песни.

Во изминатите 24-часа во Грција се регистрирани 853 нови случаи на Ковид-19, односно 132.430 од почетокот на епидемијата, а починаа уште 83 лица со што бројот на смртни случаи се зголеми на 4.340.