Македонија
8. July 2017 - 10:45

На „Скопско лето“ почнува филмската програма „Кафе кино“

Со американскиот музички документарец „Битлси: осум дена во неделата“ снимен минатата година, вечер ќе почне „Кафе кино“ - филмска програма на фестивалот „Скопско лето“. 

Документарецот во режија на Рон Хауард, кој имаше номинации за награди на неколку фестивали, е компилација од ретки снимки со интервјуа, музика и приказни од 250 концерти на култната група одржани меѓу 1963 и 1966 година. 

Програмата „Кафе кино“ ќе трае до 18 јули. Проекциите на филмовите ќе бидат во Сули ан - Факултет за ликовни уметности и ќе почнуваат во 21 часот. 

Утревечер на прогрмата е британскиот филм „Локи“, а од понеделник до крајот на „Кафе кино“ ќе бидат прикажани: „Само крајот на светот“, „Автопат на смртта“, „Јавачи на коњи“, „Вештерките од Зугарамурди“, „Панама“, „Меси“, „Малите виленици Пикси“, „Тони Ердман“ и историската драма  „Израелска љубовна приказна“. 

Влезниците за проекциите се по цена од 100 денари и може да се купат на благајната на ФЛУ - Сули ан.