Македонија
16. October 2024 - 12:54

На сеопфатни дискусии ќе се бара решение за законите за Судски совет и за Јавно обвинителство, дебатите почнуваат од следниот месец

Нема да бидат површни туку сеопфатни и отворени за сугестии и критики од сите релевантни чинители дискусиите што ќе ги иницира Министерството за правда за законите за Судскиот совет и за Јавното обвинителство, со цел да се создаде решение што ќе гарантира независност на овие институции,  рече министерот Игор Филков на прес-конференција по повод сто дена Влада.

Информираше дека јавните дебати ќе почнат идниот месец и нивна цел ќе биде да се најде најприфатливо решение, нагласувајќи дека  Судскиот совет и Јавното обвинителство „мора да бидат ослободени од каква било форма на политичко мешање и да функционираат единствено во служба на правдата“.

-Овие тела ќе бидат реформирани за да работат со најголем интегритет, фокусирајќи се на професионалноста и строгото почитување на владеење на правото, рече Филков во отчетот.

За законот за Судски совет, на кој веќе работеше една работна група, министерот посочи  дека ќе има „нова и видоизменета работна група“.

 Притоа нагласи дека предизвик во оваа насока ќе биде тоа што Министерството за правда не располага со документот со препораките од Оценската мисија на Европската комисија по однос  на Судскиот совет.