Македонија
8. March 2024 - 12:27

На полноќ завршува собирањето потписи за претседателска кандидатура

Вечерва на полноќ истекува рокот за собирање потписи за претседателски кандидати. Извесно е дека на гласачкото ливче ќе има 7 кандидати, кои ги собраа потребните 10 илјади потписи. Зад кандидатурата на Стево Пендаровски од коалицијата на СДСМ и Гордана Силјановска-Давкова од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, застанаа и по 30 пратеници.

Во трката на 24-ти април се и Бујар Османи од ДУИ, Арбен Таравари од опозицискиот блок „Вреди“, Максим Димитриевски од „Знам“, Билјана Ванковска како кандидат на „Левица“ и претседателот на „Гром“ Стевчо Јакимовски.

Останатите осум кандидати сè уште се во процес на собирање на потписите, но речиси нема никaквa шансa тие вистински да се кандидираат.

Ждрепката за редоследот на кандидатите ќе биде направена на 28 март.

Иако кампањата официјално не е почната партиите чии кандидати сигурно ќе се најдат на гласачкото ливче за шеф на државата се во меѓусебни препукувања.

Од СДСМ велат дека единствениот избор е нивниот кандат Пендаровски бидејќи во ВМРО-ДПМНЕ нема никаква промена.

„Единствено што нудат ДПМНЕ и Силјановска е да се откажеме од иднината, од надежта, да се изолираме и да се збогуваме со секоја вистинска и суштина промена за подобро утре. Само со Пендаровски е остварлива единствената реална надеж за светла македонска иднина - членство во ЕУ“, велат од СДСМ.

Од таму веќе два дена реагираат на заедничка фотографија на Силјановска со бугарскиот европратеник Ковачев.

Од ВМРО-ДПМНЕ пак, коmeнтираат дека Пендаровски и СДС почнаle да напаѓаат жени и да шират лажни вести со фотграфија стара 5 години.

„Стево Пендаровски ги сруши Македонските позиции и ја понижи нацијата кога кажа дека Гоце Делчев се изјаснувал како Бугарин....Ова покажува кој ги урниса македонските позиции, и зошто Македонија е понижена и блокирана. За разлика од Стево Пендаровски и СДС, ВМРО-ДПМНЕ е на линија на македонските национални интереси. Лично Стево Пендаровски и СДС истапија со тезите на најголемите бугарски шовинисти, тези кои никој во Бугарија не верувал дека ќе бидат прифатени од било кој македонски политичар“, кажа Миле Лефков, ВМРО-ДПМНЕ.

Првиот круг од претседателските избори ќе се одржи на 24-ти април.