Македонија
26. March 2024 - 16:47

На пет дена до испит се менува серверот со прашања за влез во Академијата за судии и обвинители

Кандидатите за судии и обвинители на пет дена до полагањето останаа без прашањата за квалификацискиот тест. Академијата преку писмено известување информира дека се менува серверот и не може да се пристапи до базата со прашања. Нема информации колку долго ќе трае процесот, но уверуваат дека прашањата за тестот кој ќе се полага идната недела, останувале исти.

„Во базата на прашања нема никакви измени и таа е иста како што беше објавена во мај 2023 година. Од Министерството за информатичко општество и администрација, добивме информации дека се прават сите напори за завршување на промената на хостингот и страницата да профункционира во најбрз можен рок“, се вели во известувањето на Акедемијата за судии и јавни обвинители.

Засега пак останува нејасно како ќе се бодуваат кандидатите. Максимално можат да освојат 105, иако во законот пишува дека најдобрите се оценуваат со 100 бода.

Правната фела бара Уставниот суд да каже дали е загрозено владеењето на правото. Адвокатска канцеларија од Скопје поднесе иницијатива за оценување на уставноста на Законот за Академија.

„Ние имаме неусогласеност во ист член од законот што доведува до една правна несигурност и се става Академијата во една неповолна положба да не знаат како тие да постапуваат. Односно, приемната комисија кога ќе ги оценува кандидатите да не знае како да ја изведе крајната оценка“, изјави Ана Колиќ Огненовска, адвокат.

Во правда ја признаа грешката, ниту една од институциите не забележале дека збирот на бодови е поголем, па сите заедно ќе барале начин како двата од дела на практичниот испит да има резултат 100.