Македонија
22. July 2024 - 18:54

На отпуст од 30 дена денеска пуштени 5 осуденици за „27 април“ од штипскиот затвор

Од штипскиот Затвор денеска се пуштени на отпуст од 30 дена петмина осуденици кои беа осудени за настаните од 27 април 2017 во Собранието на Северна Македонија, потврдија за МИА од Затворот Штип.

Оттаму потврдуваат дека од денеска со прекин на казна од 30 дена, а со потпис на директорот на Управата за извршување на санкции се лицата Јане Ченто, Александар Јаневски-Тошка, Оливер Поповски, Митко Чавков и Митко Пешев, а на 25 јули на слобода ќе излезе Душко Лазаров исто така со прекин на казна од 30 дена, а со потпис на директорот на Управата за извршување на санкции. 

В.д. директорот на Управата за извршување на санкции, Александар Пандов, денеска на прес-конференција на новинарско прашање во врска со затворениците од Штип, меѓу кои има и осудени за „27 април“, а кои побарале да бидат пуштени поради здравствен зафат, Пандов одговори дека таквата пракса ќе ја продолжи и во иднина.

- Како в.д.директор единствено што можам е ако дојдое барање од затвореник со документација дека има акутен здравствен проблем, дека мора да изврши здравствен зафат, јас немам право да го одбијам. Факт е дека во меѓувреме, од кога ја извршувам функцијата, неколку такви барања се дојдени и потпишани од моја страна, рече тој.