Бизнис
7. April 2021 - 20:02

МЗЗПР бара Ковид-19 да e професионално заболување за сите работници

Ковид-19 да се признае како професионално заболување за сите работници, а не само за здравствените, бара Здружението за заштита при работа. Од таму велат дека со постоечката одредба се врши дискриминација на сите останати професии, а вработените кои се на ковид боледување не добиваат целосна туку најчесто 70 отсто од платата. Иницијативата вчера ја доставиле до Уставниот суд како последна инстанца. Бидејќи веќе една година од Владата и надлежните министерства конкретен одговор не добиле.  

- Првично сакаме да биде признаено како несреќа на работа, второ кога веќе ќе бидат на боледување да добиваат 100 отсто плата, и ако во текот на времето има одредени манифестации да се признае како професионално заболување затоа што не сметаме дека ова ќе заврши за брзо. Намерата ни е законите да важат за сите. Сакаме и оној последниот вработен кој се наоѓа на било кое работно место да не се чувствува заборавен, вели Милан Петковски, претседател на Здружението за заштита при работа. 

Од Здружението велат дека има и фирми кои короната ја третираат како виша сила и на заболените кои седат дома им исплаќаат само половина плата. 

Досега поддршка за иницијативата добиле и од синдикатите, дел од работодавачите  како и повеќе здруженија од областа на трудовото право.