Кошарка
3. јуни 2020 - 19:43

МЗТ: Да ни се вратат потрошените пари или кривични!

По фудбалот не престануваат бранувањата и во македонската кошарка.  МЗТ СКопје преку обраќање до јавноста побара од кошаркарската федерација да им ги врати парите потрошени за недовршената сезона или се заканија со кривични пријави за претседателот Антиќ и неговите соработници. 
Камен на сопнување помеѓу МЗТ Скопје Аеродром и Кошаркарската федерација на Македонија е одлуката на кошаркарската куќа во прекинатото првенство да не се прогласи шампион.  Од тие причини од редовите на повеќекратниот македонски првак испратија допис до челниците на федерацијата во кој си ги бараат сите пари уплатени на нивната сметка од почетокот на шампионатот до денот на прекинот. 
Во соопштението „металците“ наведуваат дека  имаат силен правен адут дека со  пристрасната одлука на федерацијата се оштетени не само тие туку и останатите клубови. Според пресметката  МЗТ Скопје  побарува од КФМ  вкупно 17 илјади евра и истите ги бара да им бидат вратени во рок од три дена. 
„ Ако челниците на македонската кошарка во овој рок не ги уплатат на сметката на клубот парите кои ние им ги дадовме за да ја организираат Првата лига, а потоа и да ја завршат според личниот и според интересот на нивните коалициски партнери, тогаш ќе бидеме принудени да изготвиме и да поднесеме пријава за сторени кривични дела. Од Основното Јавно обвинителство ќе побараме да поведе постапка за кривичен прогон против овластеното лице на КФМ, односно против претседателот Перо Антиќ и тоа за кривично дело „Измама“, како и за кривично дело „Злоупотреба на службена должност“. Се вели во соопштението на МЗТ Скопје од каде најавија и следен чекор а тоа е повлекување од Првата кошаркарска лига за што одлука ќе биде донесена во наредните денови.