Бизнис
1. September 2017 - 11:46

МЗШВ плати заостанат долг од 207 илјади евра за одблокирање на проектот Јужно-вардарска долина

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство денеска плати 207.000 евра заостанат долг за консултантски услуги за проектот „Програма за наводнување Јужно-вардарска долина“ - втора фаза, соопштија од Министерството.

На овој начин, како што посочуваат оттаму, се откочува реализацијата на проектот, која била блокирана, поради тоа што претходната Влада не плаќала редовно за консултантски услуги во изминатите две години.

- Со подмирувањето на долгот овозможивме меѓународниот консултант на  проектот да продолжи со работа, а со тоа и да се продолжат активностите за изградба на системите за наводнување во Валандовскиот регион. Ова е една од повеќето активности преземени за подобрување и унапредување на соработката со германската кредитна банка за обнова „KfW“, се вели во соопштението од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Реализацијата на програмата, согласно договорените услови, требало да почне минатата година. Но, поради неплаќање на фактурите, била пролонгирана за една година.

- Иако немало никаква законска и финансиска пречка, фактурите пристигнувале во МЗШВ, но не се плаќале, што довело до зголемување на давачките на државата кон кредиторот, односно плаќање на каматите за неизграден објект. Ваквото работење веќе е предмет на ревизија, која треба да ги утврди причините и последиците од неплаќањето, за што ќе има и одговорност, појаснуваат од Министерството.

Со овој проект е предвидено реконструкција, рехабилитација и изградба на систем за наводнување од околу 2.000 хектари во регионот на Удово, Јосифово и Пирава. Изведбата на градежните работи се очекува да започне во првиот квартал од следната година.

За реализација на втората фаза од овој проект, предвидени и обезбедени се  околу 16 милиони евра, преку кредит од германската банка и од буџетот на МЗШВ.

Проектот Јужно-вардарска долина е од витално значење за земјоделството во јужниот регион и со неговата реализација долгорочно ќе се реши проблемот со обезбедување на вода за наводнување во овој регион.

Освен овој проект, за јужниот регион на Република на Македонија, во тек е изградба на браната Конско, со која ќе се обезбедат количини на вода потребни за наводнување на околу 6.500 хектари во регионот од Гевгелија до Дојран, и изградба на мали иригациски системи, проект во соработка со ИПА во вредност од 5 милиони евра.

Ваквите зафати, истакнуваат од МЗШВ, се потврда на зацртаните приоритети во Програмата на Владата во делот на санација на постојните системи за наводнување, изградба на нови, кои освен што ќе го зголемат водниот потенцијал ќе придонесат за трајно решавање на проблемите на земјоделците со наводнување, што ќе биде предуслов за развој на целокупниот земјоделски сектор.