Македонија
4. March 2024 - 16:46

МВР распиша потерница по Шеваљ Муареми, лидерот на групата од Грчец

МВР го бара со потерница водачот на криминалната група Дуќанџиќ од Грчец. Шеваљ Муареми е во Дубаи каде избегал по убиството во Шиша бар. Муареми и уште 7 лица од групата се бараат со меѓународна потерница за повеќе кривични дела.

Шефот на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција потврди дека Муареми е во Дубаи и рече дека се во комуникација со тамошните власти и ќе се бара екстрадиција. И за второосмничениот обвинителството потврди дека се наоѓа во Шпанија во екстрадиционен притвор и за него веќе е побарано да биде испорачан од шпанските власти.

Од обвинителството информираат дека се уште во тек е прибирање на документација по што ќе испратат барање до министерството за Правда. 

„За лицето за кое покажувате интерес и за уште едно лице кое се наоѓа во Обединетите Арапски Емирати во тек е превод на потребната документација на арапски јазик која се очекува да биде завршена во текот на утрешниот ден''  - ОЈО ГОК 

Од Mинистерството за правда за Сител велат ќе постапат откако ќе добијат соодветно барање. 

„За Шеваљ Муареми не е побарана екстрадиција. За секое лице за кое ќе ни се достават списи ние ќе бараме екстрадиција.''

Вп акцијата на МВР пред околу еден месец беа уапсени 6 лица во Македонија и едно во Шпанија кои се поврзани со кланот од Грчец. Оваа група учествувала во двојното убиство во Топанско поле пред три години, убиството на албански државјанин на Матка, како и обидот за убиство на лице од село Бардовци. 

Шверцувале над 400 кг кокаин од Перу, Боливија, Колумбија, Бразил, а со парите граделе лукзузни куќи и ресторани.