Македонија
14. јуни 2022 - 16:32

МВР го тресеше Идризово: Некои затвореници се повооружени во ќелија отколку дома

Дрога, оружје, пари откри претресот на МВР во затворот Идризово. Со акцијата биле направени проверки во 25 ќелии, а дел од предметите биле пронајдени и меѓу затворениците за случајот „Диво Насеље“ кои се осудени на доживотен затвор. Кај нив полицијата пронашла уште мобилни и компјутери.

Од МВР велат пронајдените предмети се одземени, а дел предадени на затворската полиција.

Во телефонски разговор за Сител, Директорот на затворот, Реџеп Реџепи, вели дека никој од затворската полиција нема да биде казнет што во установата се пронајдени ножеви, дрога и телефони. Објасни дека од неодамна затворот имал најсовремен детектор за контрола на се што влегува во затворот.

Засега нема објаснување како предметите кои се пронајдени во затворските ќелии минале низ контролите на затворските полицајци. За својата работа тие одговараат пред Управата за извршување санкции, но првиот човек на оваа институција, денеска е недостапен на својот телефон да одговори дали некој од полицајците во затворот ќе биде казнет.

Според законот, освен за редот и дисциплината, затворските полицајци имаат овластување да прават и претрес на ќелиите.

„Затворската полиција врши обезбедување на установата, го одржуваат внатрешниот ред, врши претрес на лица, простории и простор“ се дел од работните обврски кои ги предвидел законот.

Акцијата на МВР следи по само два дена откако во Идризово била пријавена тепачка во која се користеле и ножеви.