Македонија
1. March 2025 - 19:41

Музичката академија доби концертен клавир од бизнисменот Кочо Анѓушев

Бизнисменот Кочо Анѓушев му донираше концертен клавир на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Последен пат нови клавири на академијата имало пред 50 години, кога била основана оваа образовна институција. 

Донацијата беше промовирана со концерт на Симон Трпчевски, на настан во Македонската опера и балет, организиран од амбасадата на Австрија, во присуство на претседателката Силјановска Давкова и на министерот за култура Љутков.

Музичката академија, за првпат после 50 години, доби нов клавир за своите студенти. Концертниот клавир го донираше сопственикот на БРАКО и ФЕРОИНВЕСТ, Кочо Анѓушев, откако од австрискиот амбасадор слушнал дека амбасадата ќе собира средства за помош на факултетот.

- “Тој направи многу повеќе од тоа што очекував, тој веднаш рече дека ќе го покрие целиот трошок. Многу фала драг Кочо, бев многу импресиониран, од срце фала”, рече Мартин Памер-амбасадор на Австрија.

- ,,Се надевам дека овој гест оваа вечер ќе биде поттик за сите општествено одговорни компании да помогнат понатаму успешно да се развиваат уметноста и културата”, вели Дарија Андова-декан на Факултетот за музичка уметност.

- ,,Еден прекрасен гест за кој се заблагодаруваме и на австрискиот амбасадор г. Памер и на г-н Анѓушев за неговата великодушност. Нека биде ова поттик со надеж, дека сите ние заедно ќе си помогнеме, да покажеме дека не сме дрво без корен”, истакна Симон Трпчевски-пијанист и поранешен студент на ФМУ.

- ,, Талентот е важен, но вежбањето и учењето се уште поважни. Посакувам многу генерации да вежбаат на овој инструмент и да добиеме нови Симон Трпчевски. Само една реченица да кажам колку е битна културата. Бидејќи културата и спортот се најдобрите амбасадори на една држава. Тоа на кратко ќе го поврзам со бизнисот. Мојата компанија продава во 60 држави. Многу полесно се продава во држави каде претходно свирел Симон Трпчевски и каде Македонија ја знаат по добро, а не по лошо. Нека им е со срека инструментот..”, посочи Кочо Анѓушев-сопственик на ФЕРОИНВЕСТ и БРАКО.

Анѓушев и компаниите БРАКО и ФЕРОИНВЕСТ досега донирале во образование, здравство, спорт, верски објекти итн, односно во области каде државата потешко наоѓа средства за да инвестира во нив. 

Поранешниот вицепремиер Анѓушев, откако во 2020 година по негово барање ја напушти владата, денес е посветен исклучиво на работењето на неговите фирми.