Македонија
12. July 2024 - 9:34

Муцунски: Како кредибилна НАТО членка остануваме посветени на зајакнувањето на колективната безбедност

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, заедно со владината делегација, предводена од премиерот Христијан Мицкоски, учествуваше на НАТО Самитот, што се одржа од 9-ти до 11-ти јули, во Вашингтон.

Во фокусот на темите, како што соопшти МНР, биле актуелните безбедносни предизвици, со посебен акцент на поддршката за Украина, зајакнувањето на одбраната и одвраќањето на Алијансата, како и унапредување на соработката со партнерите од Индо - Пацификот. 

- Сојузниците го поздравија постигнувањето 2 отсто од БДП за инвестиции во одбраната од страна на 23 земји членки на Алијансата, меѓу кои и Северна Македонија. Земјава оваа година го надмина споменатиот праг и се очекува истиот да расте во периодот што следи. Со тоа докажуваме дека сме кредибилна НАТО членка, што активно придонесува за зајакнување на колективната безбедност, се наведува во соопштението. 

На Самитот, како што посочуваат од МНР, биле реафирмирана силната и непоколеблива поддршка за Украина, оценувајќи ја руската агресија како брутално кршење на меѓународниот поредок базиран на правила.

-Воедно, беше донесена одлука за пакет за практична поддршка за Украина, како и заложба за долгорочна безбедносна помош на земјата. Северна Македонија останува цврста на ставот за поддршка на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина, како и обезбедување помош за украинскиот народ се додека е потребно, се наведува  во соопштението.

На состаноците била нагласена потребата од зајакнување на соработката меѓу НАТО и ЕУ во земјите од Западен Балкан, што претставува гаранција за регионалната и целокупната трансатлантска сигурност. Притоа, било истакнато дека продолжувањето на политиката на отворени врати на НАТО и проширувањето на Европската унија се најдобрите алатки за постигнување траен мир и гарантирање на демократските процеси на нашите простори. 

- НАТО Самитот беше одлична можност и за разгледување на перспективите за продлабочување на соработката со земјите од Индо - Пацификот, што е важно во променетиот геополитички контекст. Зајакнувањето на врските со Австралија, Јапонија, Јужна Кореја и Нов Зеланд ќе придонесе за зајакнување на Алијансата и обезбедувањето силен и решителен одговор на растечките предизвици кои произлегуваат од соработка меѓу авторитарните актери, велат од МНР. 

Во рамки на работната посета на Вашингтон, Муцунски остварил неколку средби, а по нејзиното завршување, тој патува за Њујорк, кадеќе има средба со претставници на македонската дијаспора и состаноци насочени кон зајакнување на билатералните односи и промовирањето на земјава како атрактивна дестинација за странски инвестиции.